Денес на дело се виде неправдата на Зоран Заев и СДСМ. Градоначалникот Курто Дудуш, кој беше обвинет за физички напад врз граѓанин, на суд помина само со судска опомена, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Што треба да направи функционер на СДСМ за да биде казнет? СДСМ те тепа, а судството на Заев ги ослободува насилниците како Дудуш. Тоа се тие европските вредности на СДСМ. Да потсетиме дека насилникот, кој е градоначалник на Шуто Оризари, Курто Дудуш, во неколку наврати напаѓа и тепа граѓани, но тоа не е доволно судот да го осуди за кривично дело, туку само му дава опомени“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција пред седиштето на социјалдемократите.
Тој потсетува и за случајот кога минатата година се појавија снимки за кои се тврди дека Дудуш во својот кабинет тепал друг граѓанин.
„Пред повеќе од осум месеци јавноста можеше да чуе дека Курто Дудуш во својот кабинет бесправно лишил од слобода, тепал и навредувал граѓанин на Шуто Оризари. Тој тогаш се фалеше дека нему никој ништо не му може и не може да му се спротивстави. Сега гледаме дека тој, освен политичка, имал и полициска, но и судска заштита од судството на Заев“,
рече Стоилковски.
Ваквата реакција од опозицијата доаѓа откако денеска Курто Дудуш во судница призна дека го нападнал Демир Исмаил на одржувањето на ромскиот бал во 2018 година и рече дека жали за стореното. По признавањето вина, судијата Ѓоко Ристов му изрече само судска опомена.