Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека секое семејство во земјава е задолжено со нови 15 илјади денари, а тоа го лоцираат како лошо водење на државата од страна на СДСМ.
„На СДСМ не им се важни граѓаните и државата, туку џебот и бизнисите на поединци. СДСМ подготвуваше поткуп на избори со народни пари и го зголеми буџетскиот дефицит за 120 милиони евра од почетокот на годината до март. Сега гледаме како планираниот поткуп го делат како наводна хуманитарна помош. Само за три месеци. Секое семејство е задолжено за нови 15.000 денари. Лошото водење на државата и економијата ќе резултира со 1.3 милијарди евра буџетска дупка до крајот на годината“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, владејачката партија во континуитет го погазува достоинството на народот и земјата.
„Јавноста беше сведок дека под закрила на полицискиот час и мерките за справување со епидемијата, власта кукавички го отстрануваше симболот на сонцето од Кутлеш на плоштадот во Крива Паланка. Дополнително вчера и претседателот на Македонија, Пендаровски, во улога на портпарол на Заев и СДСМ, потврди дека СДСМ бега од носење на консензус на сите релевантни политички субјекти за одбрана на клучните национални интереси и идентитетски прашања како македонскиот јазик, македонската нација и македонскиот народ“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие велат дека, уште минатата година ВМРО-ДПМНЕ побарала носење на заедничка резолуција во одбрана на индентитетските прашања, но СДСМ до денеска не одговорила на тоа.
„Може да бегаат и да се кријат, како во случајот со кукавичкото однесување во Крива Паланка, ама нема да успеат да побегнат на казната на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе ги порази политиките на Заев, нивната неспособност и неодговорност“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.