Според ВМРО-ДПМНЕ, македонската влада е двојно послаба од владите во сите околни држави, од Албанија, преку Србија и Црна Гора до БиХ
СДС и ДУИ ја уништија државата. Никогаш не било полошо, седум години една шајка не заковаа, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, за неделникот „Фокус“.
„За какви инвестиции зборува Лукаревска, седум години една шајка не заковаа, државата ја уништија и запустија. Со најголеми буџети од над пет милијарди, седум години не можат да го направат патот Охрид–Кичево, кој беше оставен со над 60 отсто реализираност. Еден километар од Скопје до Блаце не можат да почнат, а не, пак, да го направат, еден селски пат немаат направено“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека Лукаревска е најнеуспешен директор на УЈП.
„Милиони се испумпаа од УЈП со фиктивни фактури, кога ВМРО-ДПМНЕ објави, таа негираше, за сега сама да признае дека имало криминал. Јавниот долг го зголемија за 70 отсто за седум години, а лекови за болни нема. Милиони фрлија по тендери, а секоја учебна година почнува без учебници. Државата е колабирана по сите основи. Сите земји од регионот од 2017 до 2023 година имаат раст на БДП по глава на жител над 50 отсто, само Македонија со СДС и ДУИ 20 отсто. Прашањето е како е тоа можно“,
велат од опозициската партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, македонската влада е двојно послаба од владите во сите околни држави, од Албанија, преку Србија и Црна Гора до БиХ.
„Нема држава во регионот која е зад нас. СДС и ДУИ можат да бидат горди, први сме, но од позади. СДС и ДУИ ја уништија државата. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“,
порачаа од најголемата опозициска партија.