ВМРО-ДПМНЕ денеска реагира на најавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев за укинување на моделот на Пржинска влада. Тие сега велат дека таква одлука не може да се донесе еднострано, бидејќи тоа било договор меѓу власта и опозицијата.
„Што се однесува до укинувањето на Пржинската влада и премиер Албанец, самиот Пржински модел беше договорен меѓу опозицијата и власта, Заев нема право без консултација со опозицијата и меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел да го укинува еднострано и да го пазари во договорот за неговата влада“,
реагираше денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Заев денеска по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако соопштија дека постигнале договор за формирање на нова владина коалиција, рече дека се договориле да се укине моделот на Пржинска влада и наместо 100 дена пред избори во извршната власт функции да добива најголемата опозициска партија, на крајот од овој владин мандат ДУИ ќе предложи премиер до организирање на новите избори.
Лидерот на СДСМ денеска рече дека за ова има согласност и од лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски.
Предизборно и Заев и Мицкоски изјавија дека се за укинување на пржинскиот модел.
На дуелот што се одржа на ТВ24 две недели пред предвремените парламенти избори Мицкоски рече дека тој бил против Пржинска влада уште кога се потпишувал Пржинскиот договор, но дека за последниве парламентарни избори инсистирале овој модел да постои бидејќи немале доверба како СДСМ ќе ги организира изборите.
„Апсолутно немам никаков проблем да нема Пржинска влада“,
рече Мицкоски на ТВ-дуелот што се одржа годинава на 30 јуни.
Моделот на Пржинска влада беше воведен за изборите во 2016 и со него најголемата опозициска партија на 100 дена пред избори добива функции во извршната власт, меѓу кои се и две министерски и три места на дополнителни-заменици министри.