Лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашниот дуел на ТВ 24 излегоа со ставови дека Пржинската влада 100 дена пред избори не треба да постои.
„Не треба да постои, неколку пати го имам кажано тоа, дај кажете го и вие. Мојот став е дека не треба да има повеќе Пржинска влада“,
рече Заев.
Мицкоски, пак, посочи дека тој бил против Пржинска влада уште кога се потпишувал Пржинскиот договор, но дека за овие претстојните парламентарни избори инсистирале овој модел да постои бидејќи „народот нема доверба кога СДСМ треба да организира избори“.
„Апсолутно немам никаков проблем да нема Пржинска влада“,
додаде Мицкоски.
Моделот на Пржинска влада беше воведен за изборите во 2016 и со него најголемата опозициска партија на 100 дена пред избори добива функции во извршната власт, меѓу кои се и две министерски и три места на дополнителни-заменици министри.