ВМРО-ДПМНЕ предлага министрите, замениците-министри, директорите и членовите на управни и надзорни одбори да работат без пари, про-боно до завршување на кризата, со што според опозицијата, ќе се заштеди 2,5 милиони евра месечно.
„Ја повикуваме лично и министерката за правда Рената Дескоска и СДСМ ако навистина сакаат да помогнат тогаш да се откажат целосно од нивните приходи по основ на плата и хонорари, додека трае кризата со епидемијата со корона вирусот. Дополнително освен што треба да работат про-боно, нека се откажат и од привилегиите кои одат со функциите како службени возила, мобилни телефони и репрезентации кои ги прават и плаќаат со народни пари“,
изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.
На тој начин, според опозицијата би се заштедиле 2,5 милиони евра месечно и истите средства би се намениле и релоцирале во оние сегменти кои се неопходни за заштита на стандардот на граѓаните, но и за директно справување со корона вирусот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, платите на министрите се движат од 70 до речиси 90 илјади денари месечно нето износ, а дополнително се одлеваат милиони денари од буџетот за репрезентација на месечно ниво.