ВМРО-ДПМНЕ денеска и од собраниска говорница реагира што Калина Гривчева Старделова, која е директорката на Клиниката гастроентерохепатологија е и прв човек на Лекарската комора.
Пратеничката Дафина Стојаноска на денешната седница за
пратенички прашања, праша до кога министерот за здравство Венко Филипче ќе ја остави Гривчева Старделова да извршува две неспоиви функции.
„До кога и според кои закони доктор Калина Гривчева – Старделова ќе извршува напоредно две неспоиви функции, а тоа се претседателка на Лекарската комора на Македонија и истовремено директорка на Универзитетската клиниката за гастроентерохепатологија? Ова е класичен судир на интереси бидејќи првиот човек на комората ја контролира токму работата на првите луѓе на јавните здравствени установи, односно Старделова си се контролира самата себе си, знаеме дека на 22 ноември 2019 година, Aнтикорупциска има доставено известување за судир на интереси и даде рок од 15 дена да се откаже од една од овие две функции, што до ден денес не е сторено“,
праша Стојаноска.
Според Филипче, во случајот со Гривчева Старделова нема конфликт на интереси, бидејќи едната работа, директорската, е менаџерска, а во Лекарската комора, претседател мора да е лекар, човек од фелата.
„Дозволете уште еднаш да се консултирам со Државната комисија за спречување на корупција и да ве известам во врска со тоа… Директорката беше дел од тимот, кој ја направи реорганизацијата на интерните клиники. Сите клиники кои се наоѓаа таму во една зграда беа пренаменети, а нивниот кадар работи со ковид-пациенти. Значајно се зголеми бројот на слободни болнички кревети. Професорката активно работеше и во Лекарската комора, беше координатор и на матичните лекари. Имавме бројни состаноци. Активно се залагаше и за носење на законот за лекарска дејност. Моите информации говорат дека конфликт на интереси во тој случај нема“,
потенцира Филипче.
