Сите соседни земји го зголемуваат бројот на дневно направени тестови и ги тестираат ризичните групи, а кај нас оваа фаза е само во најава, вели Игор Николов од ИК на партијата
Без системски пристап, без вистинско и планско тестирање, посебно на ризичините групи, нема да имаме вистински информации за состојбата со епидемијата во земјата, вели Игор Николов од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„За два дена во Србија беа направени над 10 илјади теста за корона, во Македонија тој број за два дена е само 400. Вчерашната статистика говори дека се направени 332 тестирања, а бројката на заболени е 33. Тоа е 10 проценти од вкупната бројка на тестирани. Хрватска, Словенија речиси и не бележат нови случаи на дневна основа. Она што исто така загрижува е и бројката на новозаболени здравствени лица, поточно медицински персонал“,
вели Николов.
Тој нагласува дека сите соседни земји го зголемуваат бројот на дневно направени тестови и ги тестираат ризичните групи, а кај нас оваа фаза е само во најава.
„Без ваков пристап тешко е да се направи соодветна стратегија за тоа како понатаму. Без ваков пристап нема ни соодветна здравствена политика.Потребен е итен и темелен скрининг. Ситуацијата кај нас не е под контрола. Здравствените лица не треба да и служат на политиката, и не треба да ја разубавуваат грдата реалност поради политички интереси. Здравствените лица треба да служат на здравјето на граѓаните. Токму затоа потребно е да се зголеми бројот на тестови кои се изведуваат дневна основа. Само така ќе знаеме како понатаму“,
изјави Николов на прес-конференција.