Оливер Спасовски, во својство на министер за внатрешни работи, во период од околу две и пол години издавал лични документи за коишто знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок колку што е ставен во документите, туку истите ќе престанат да важат на 12.02.2024 година, изјави пратеникот Јанушев
ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе кривична пријава против лицето Оливер Спасовски, кој, како поранешен министер за внатрешни работи, е лично и директно одговорен за хаосот со личните документи, соопшти на прес-конференција од пред зградата на Јавното обвинителство, Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оливер Спасовски, во својство на министер за внатрешни работи, во период од околу две и пол години издавал лични документи коишто знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок колку што е ставен во документите, туку истите ќе престанат да важат на 12.02.2024 година. Имено, тој овој период од 12.02.2019 па сè до средината на 2021 година, свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи, коишто впрочем ги издаваат овие документи, нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета“,
изјави Јанушев.
Според него, Спасовски извршил злоупотреба на службената положба и овластувања и несовесно работење во службата.
„И оваа кривична пријава впрочем се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон. Очекуваме од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да отвори истрага за Оливер Спасовски бидејќи одговорност во оваа држава мора да има. Апелираме и очекуваме дека новоизбраниот Јавен обвинител на Република Македонија ќе покаже дека е професионалец, а не дека е продолжена рака на власта во заминување на СДС и ДУИ“,
рече Јанушев.
Кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и против Министерството за внатрешни работи, поради набавката на стари обрасци за издавање лични документи со тогаш веќе неуставното име на државата „Република Македонија“, вчера поднесе и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски.
„Кривичната пријава се поднесува затоа што во периодот од 12.02.2019 година некаде до средината на 2021 година пријавените вршеле набавка на стари обрасци за издавање на официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија со тогаш веќе неуставното име на државата, со што овозможиле изработка и издавање на официјални лични документи со важност подолга од 12.02.2024 година, иако знаеле дека важноста на истите е до 12.02.2024 година. Во истиот период издавале и официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија на обрасци со поранешното име на државата, односно користеле обрасци коишто не требало да се користат. Понатаму, не ги преземале сите дејствија коишто требало да бидат преземени за навремена набавка на соодветни обрасци за издавање на лични документи со уставното име на државата, односно доцнеле со набавката на соодветни обрасци и пропуштиле да преземат соодветни дејствија со цел навремено известување на граѓаните на Република Северна Македонија дека рокот на важност на официјалните лични документи издадени на старите обрасци истекува на 12.02.2024 година. Со овие дејствија постои основано сомневање дека пријавените ги сториле кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1 од Кривичниот законик и несовесно работење во службата по член 353-в од Кривичниот законик“,
соопштија од ЗНАМ.
Спасовски, коментирајќи ја најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесе кривична пријава против него, вчера, во изјава за Дојче веле рече дека „менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец“.
„Овие најави се политички мотивирани и немаат врска ниту со правото, ниту со процесот, ниту со интересите на граѓаните. Тоа е истата политичка партија којашто фрлаше молотови коктели врз Собранието, која спроведуваше активна блокада, ја кочеше работата на Собранието и институциите, која блокираше дури и пакет мерки за поддршка на граѓаните. Работата на МВР беше цел на постојани напади од оваа политичка партија поради неселективната борба против корупцијата и криминалот, и поради тоа што го размонтиравме партизираниот систем МВРО-ВМРО. Перманентна деструктивност, би рекол. Менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец. На партиски прес-конференции од белиот дворец истите тие тврдеа дека имаат решение и ќе го решеле проблемот со личните документи, пасошите и возачките дозволи. И еве видовме. Направија паника за пет минути дека ќе се казнувале граѓаните. Тоа е истата партија која јавно прави притисок против стратешките одлуки и на секој можен начин гледаат да одмогнат, да направат штета, да предизвикаат хаос“,
изјави поранешниот министер за внатрешни работи.
Коментирајќи го хаосот со промената на личните документи и ненавремената набавка на обрасци со новото уставно име, лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски, завчера посочи на пандемијата со ковид-19.
„Во текот на изминатите години имавме две години пандемија, која ги наруши каналите на снабдување, ги наруши и голем број на производствени процеси во фабриките кои произведуваат документација, а секако и можноста за брзо издавање на документи со оглед дека скоро две години имавме мерки за физичко разграничување на граѓаните. Секое ширење на паника и давање на популистички изјави кои не се во насока на решавање на проблемот, туку за себеистакнување, не носат ништо добро. Би искажал жалење за она што граѓаните го поминуваат. Мора да се биде реален. Не е едноставно да се нема патна исправа. Тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме. Бевме сведоци изминатите четири години, дел од политичарите кажуваа ’немојте да ги менувате документите, ќе го вратиме името’. Сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата и не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот. Таква изјава не слушнав“,
рече Ковачевски.
Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, минатата недела најави дека до крајот на овој месец се очекува да стигне поголема пратка на обрасци за пасоши.
Онаа количина на обрасци за пасоши, со која сега располага Министерството за внатрешни работи, како што рече Тошковски, е доволна за да се задоволи издавањето само на мал дел од барањата кои се поднесени со итна постапка. Според Тошковски, со пратката која се очекува до крајот на овој месец, ќе се комплетираат 250 илјади обрасци, а наредната пратка, рече дека ќе биде кон крајот на јуни или почетокот на јули.