Според партијата, како земја членка на НАТО недозволиво е постојано да бидеме во грч и страв од терористички напади поради дојавите за бомби, а власта, како што додаваат, да не е способна да го заштити населението и да го одржи јавниот ред и мир. Поради тоа, побараа оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски откако денеска неколку средни скопски училишта, но првпат и трговски центри и полициска станица во главниот град беа меѓу дел од објектите кои добија закани за поставени експлозивни направи.
Според партијата, како земја членка на НАТО недозволиво е постојано да бидеме во грч и страв од терористички напади, а власта, како што додаваат, да не е способна да го заштити населението и да го одржи јавниот ред и мир.
„Безбедносната состојба во Македонија е нарушена. Алармантно е што секој ден имаме лажни дојави за бомби во јавни објекти, а МВР со месеци не може да најде кој ги испраќа. Одговорност за несправување со ситуацијата е во врвот на МВР. Оливер Спасовски ја има надлежноста како министер за внатрешни работи да го обезбеди јавниот ред и мир и да гарантира безбедност во рамки на државата. Спасовски не е способен да ја смири ситуацијата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија во соопштението нагласуваат дека власта мора под итно да преземе мерки за враќање на безбедноста на ниво, а како што додаваат, Оливер Спасовски да си поднесе оставка оти безбедноста на граѓаните нема цена.
Денеска на мејл адресите на седум средни скопски училишта, но и на електронските адреси на Трговскиот центар „Ист гејт“, Трговскиот центар „Бисер“, станбено-деловниот комплекс „Флатрон“, полициската станица Центар, како и Транспортниот центар стигнале дојави за поставени бомби.
По проверените антитерористички проверки од стана на единиците на МВР се утврди дека и денешните дојави за поставени бомби се лажни.
Ова е првпат дојави за бомби да стигнат во поголеми комплекси како трговски и станбено-деловни објекти, но и во полициска станица.
Пред два дена, за првпат освен до училиштата дојава за поставена бомба стигна и до Народната банка.