Од опозициската партија, по вечерашното гостување на шефот на државата во дневникот на ТВ Сител, велат оти ја разбираат неговата реторика, која, како што наведуваат, се должи на обидите да им се додвори на СДСМ и на ДУИ повторно да го кандидираат за претседател
Пендаровски треба да се соочи со фактот дека над 80 проценти од народот е против уставни измени под бугарски диктат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на шефот на државата, кој во вечерашното гостување на во Дневникот на ТВ Сител, рече дека опозициската партија денеска во Собранието го загрозила европскиот пат на земјата.

„Наместо да се тресе од нервоза и да лаже по интервјуа, Пендаровски треба да се соочи со фактот дека над 80 отсто од народот е против уставни измени под бугарски диктат. Народот не го плаќа да глуми ароганција, туку да ги штити националните и државните интереси. Да беше кадарен немаше да дозволи Македонија да влезе во замката на Бугарија во која или бесконечно ќе преговараме или асимилација“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат оти ја разбираат реториката на претседателот на државата, која, како што наведуваат, се должи на неговите обиди да им се додвори на СДСМ и на ДУИ повторно да го кандидираат за претседател.
„Што ли ќе прави Пендаровски ако СДС го извиси? Дали можеби планира да ја оствари својата намера и да се отсели од Македонија?“,
иронично прашуваат од опозициската партија.
Шефот на државата во вечерашното интервју рече дека со денешното гласање, опозицијата потврдила дека концептот на Европската Унија во Македонија пропадна и дека тоа е срамно и погубно. Според Пендаровски земјата одамна има утврдено во која насока сака да се движи, а единствениот пат до таму е токму преку носењето на уставните измени.
„Што е друга алтернатива на ЕУ? Неврзаните или неутрални да бидеме? Која е алтернативата, ќе прави ли Мицкоски двотретинско мнозинство со истите политички структури и дали ќе се враќаме на старата дебата од 1991 за тоа дали ќе одиме на запад или исток?”,
рече Пендаровски во интервјуто.
Претседателот на државата се осврна и на прашањето дали ја има поддршката од СДСМ и ДУИ за повторна номинација за претседател на претстојните избори догодина. Според нeго, за нов претседатески мандат нема да биде доволна само поддршката од политичките партии, иако без неа е невозможно да се победи на избори.
Во врска со шпекулациите дека се размислува за партиско име од високото раководство на СДСМ наспроти негова номинација, шефот на државата рече дека со Владата има коректни реалции и дека немаат разговарано на таа тема, а внатрепартиските дебати не ги знае.