Иако членовите на деветтиот собраниски состав сѐ уште земаат пратенички плати, додека се чека да продолжат изборите и да се конституира новиот парламент, опозицијата тврди дека евентуалното нивно свикување би било неуставно
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека распуштениот парламент не може да заседава, како што неодамна се изјасни повторно и спикерот Талат Џафери, а наспроти иницијативата на 35 пратеници што ја поведе СДСМ, за одржување итна седница за потврдување на одлуките на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.
Одговарајќи на новинарско прашање дали власта може да посегне по други начини за да го свика парламентот, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, изјави денеска дека пратениците од последниот состав се, сепак, поранешни.
„Сепак, ова прашање ќе треба да се постави до власта. Нашиот став останува непроменет. Собранието не може да се свика и не може да се оди против Уставот бидејќи, сепак, се работи за поранешни пратеници. Тоа веќе го повторивме и неколку пати, но власта не може да го разбере бидејќи е научена да ги крши законите и Уставот. Фокусот на ВМРО-ДПМНЕ е моментно на здравствената кризата и на нормално закрепнување на економијата во Македонија, која беше и онака разурната, но во моментот крахира поради кризата од пандемијата од коронавирусот, но и поради грабежот од над 120 милиони евра за само три месеци, од почетокот на годината. Мислејќи дека ќе има избори, за да направат предизборен поткуп на граѓаните, од СДСМ ограбија и потрошија над 120 милиони евра и направија една огромна дупка во буџетот“,
рече Арсовски.
Според членот 63 од Уставот, пратениците во Собранието се избираат со мандат од четири години, кој почнува да тече од конститутивната седница, која во овој случај почна на 30 декември 2016 година, а заврши на 27 април 2017 година. Избори за пратеници се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од на распуштањето на Собранието (вонредни избори), кое во овој случај ја одржа последната седница на 16 февруари годинава.

Според истиот член од Уставот, мандатот на пратениците може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба, што е и аргументацијата на СДСМ за покренување на иницијативата за свикување на парламентот.
Претседателот Пендаровски, по последната седница на Советот за безбедност, им забележа на Џафери и на пратениците дека не преземаат одговорност за прогласувањето на вонредната состојба, иако сѐ уште земаат пратенички плати и ниту еден од нив не побарал апанажа, така што мандатот им е сѐ уште валиден.