Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва низ улиците на Скопје повторно излезе на протести со возила против покачувањето на цената на електричната енергија.
Владимир Нелоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пред седиштето на Регулаторната комисија за енергетика ги повтори двете барања, односно враќање на поранешната цена на струјата и оставка на членовите на РКЕ, на чело со претседателот Марко Бислимовски.
„Ако Владата има можности и наоѓа начини да финансира обуки за магарите и фризерниците, власта исто така мора да има слух за граѓаните и да најде решение за потешкоите со кои што се соочуваат поради ова поскапување на струјата. За жал ние сме единствена земја која што во текот на епидемијата и економската криза, граѓаните имат уште еден товар и плаќат поскапа струја“,
рече Нелоски.
Освен во Скопје, опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва организираше протести и во Охрид и Прилеп и најавија дека протестите и понатаму ќе продолжат.
