За разлика од порано, кога ВМРО-ДПМНЕ се залагаше за враќање на мнозинскиот модел за избор на пратеници, сега од опозициската партија сметаат дека предлогот за една ИЕ и за отворени листи е добра основа за понатамошни разговори за нови изборни правила, како за парламентарни, така и за локални избори
Предлозите за една изборна единица и за отворени листи на парламентарни избори, што ги реактуелизира денеска новиот министер за правда Бојан Маричиќ, според ВМРО-ДПМНЕ, може да претставуваат солидна основа за понатамошни разговори за промена на изборниот модел.
За разлика од порано, кога ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на враќање на мнозинскиот модел за избор на пратеници во 120 изборни единици, од опозициската партија денеска, се воздржаа од поостри реакции за обновените предлози за промена на моделот за избор на пратеници.
„Во однос на предлозите на Маричиќ за една изборна единица и отворени листи, треба и официјално да соопштат дали тоа е нивниот конечен став со оглед на тоа што во минатото повеќе работи беа договорени во таа насока, па потоа се предомислија и го променија мислењето. Таквата тргни – застани политика говори за нивниот пазарџиски менталитет. Воедно сметаме дека отворените листи и една изборна единица преставува солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик, како и нашиот предлог локалните избори да се оддржат во еден изборен круг со цел да се заштедат пари на граѓаните во период на тешка економска криза и да се заштеди време во кое ќе се спроведе изборниот процес. Исто така, бараме, еднаш засекогаш да се регулира гласањето на дијаспората“,
изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Маричиќ изјави денеска дека очекува на следните локални избори да се гласа со отворени советнички листи. Тоа, според него, ќе биде чекор напред кон реализирање на заложбите за промена и на моделот за избор на пратеници и за воведување една изборна единица, наместо постојните шест, што се воведени од 2002 година, кога земјава целосно го напушти мнозинскиот модел за избор на членови на Собранието.
Пред распишувањето на годинешниве парламентарби избори, СДСМ, по предлог на помалите парламентарни партии, се обиде да протурка промена на изборниот модел, односно воведување една изборна единица, како и отворени листи за локалните избори. Сепак, предложените измени на Изборниот законик во таа насока останаа заглавени во собраниска процедура, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесоа илјадници амандмани.
Парламентарните избори на 15 јули се одржаа според досегашниот пропорционален модел во шест изборни региони, при што мандатите се пресметуваат според Донтовата формула. Досегашните искуства и анализи покажаа дека овој модел, главно, ги фаворизира најголемите политички партии, за сметка на помалите политички субјекти.
Како пример за тоа, од последните избори, може да се посочи новоформираната Интегра, која, иако освои над 12 илјади гласови на листите во шестте изборни единици, не доби ниту еден пратенички мандат.
Што се однесува до локалните избори во земјава, тие се спроведуваат според пропорционален модел за избор на членови на советите на опоштините, но без отворени листи. Градоначалници, пак, се избираат според мнозински модел во два изборни круга, доколку никој од кандиадтите не го исполни предвидениот цензус во првот изборен круг.
Следните локални избори во земјава би требало да се одржат во октомври следната година.