Министерот за правда смета дека отворените советнички листи на следните локални избори ќе бидат чекор напред кон реализирање на заложбите за промена на изборниот модел и воведување една изборна единица
Иако за промена на изборниот модел треба апсолутно мнозинство, добрата воспоставена праска на политички дијалог укажува на тоа дека тој закон се носи со консензус, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.
Одговарајќи на новинарско прашање кога може да се очекуваат измени на Изборниот законик, Маричиќ рече дека тоа ќе зависи од волјата на поголемите политички партии.
„Знаете дека и од сегашното мнозинство и особено од СДСМ имаше определба за воспоставување една изборна единица. Сепак, тоа ќе зависи од волјата на останатите, бидејќи тоа е системска промена за која треба да има консензус за да може да ја спроведеме. Доколку сите партии или главните, клучните партии со најмногу пратеници во Собранието се согласат околу оваа реформа, секако дека ќе ја вградиме“,
рече Маричиќ.
Тој додаде дека очекува на следните локални избори да се гласа со отворени советнички листи.
„Верувам дека може да постигнеме согласност за наредните локални избори во октомври да овозможат еден степен повеќе на демократизација, односно листите да бидат отворени и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа ќе биде еден чекор напред кон желбата и определбата којашто ја имавме пред овие избори, за сосема отворени кандидатски листи и за една изборна единица“,
рече министерот.
Маричиќ на денешната прес-конференција зборуваше за приоритетите и главните заложби на Министерството за правда и најави реформи и прочистување на правосудството. Паралелно на овој процес, како што најави, на почетокот на наредната година се очекува да започне мониторингот на ЕУ на судските случаи од висок профил.
Маричиќ повтори и дека ќе има ревизија по случаен избор на 5 отсто од предметите од висок профил, на случаи што застариле, да се утврди причината итн.