„Додека беа на власт и раководеа со институциите, ништо не направија да ги решат проблемите. Проблемите со квалитетот на пивката вода ги имаше и кога Венко Филипче беше министер за здравство и за целиот период на власт на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека опозицискиот СДСМ, додека бил на власт, ништо не направил за да го реши проблемот со квалитетот на пивката вода.
Од партијата повторија дека и тогаш испитувања покажале оти водата не е безбедна за пиење во повеќе места низ Македонија, меѓу кои и Гостивар.
„Талогот на СДС, кој сега глуми грижа за здравјето на граѓаните, печали политички поени и шири хистерија за водата за пиење, додека беше на власт и раководеше со институциите, ништо не направи да ги реши проблемите. Проблемите со квалитетот на пивката вода ги имаше и кога Венко Филипче беше министер за здравство и за целиот период на власт на СДС. Документите од извршените испитувања, кои беа презентирани во јавноста, покажуваат дека во периодот на власт на СДС и на министерувањето на Филипче, биле евидентирани случаи на небезбедна вода за пиење во повеќе населени места низ државата, меѓу кои и во Гостивар“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во СДСМ тогаш имале поважна работа од здравјето на граѓаните и безбедноста на водата за пиење – местење тендери, пљачкање на државата и распродавање на се македонско.
„Зафатени со распродавање на националните интереси, талогот во предавничкиот СДС немаше време ниту да ги извести граѓаните да не ја користат водата, ниту да преземе мерки да ги реши ваквите проблеми ниту, пак, да повика на одговорност. Ниеден директор не беше ниту разрешен ниту процесиран од истражните органи, а ниту некој градоначалник бил повикан на морална или кривична одговорност за труењето на граѓаните со небезбедна вода за пиење. Наместо конкретни мерки и отчетност, предавничкиот СДС дозволи проблемите да се натрупуваат, без граѓаните да добијат одговор што било преземено по наодите и анализите“,
соопшти партијата.
Повикаа СДСМ и претседателот Венко Филипче, наместо да морализираат, јавно да објаснат зошто со години немало институционална одговорност за случаите на небезбедна вода за пиење и кои конкретни мерки ги презеле за надминување на овие проблеми.
Инаку, водата од гостиварскиот водовод речиси еден месец е забранета за пиење поради бактериолошко загадување. Надлежните дозволија да се користи како техничка вода.
