Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека очекува денеска претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба од само 14 дена иако кога бројката на заразени и починати била помала, се прогласуваше вонредна состојба од 30 дена.
„Прво, очекувам одлука која денеска откако ќе се донесе вонредната состојба ќе имате брифинзи каде ќе велат дека изборите ќе бидат на 5 јули. Тоа значи дека таман се направени овие 14 дена за тие да се повикаат на оние 22 дена кои велат дека се доволни според ДИК и да речат еве на 5 јули ќе имаме избори. Не очекувам дека Пендаровски ќе рече ’нема да ви дадам 14 дена туку ценам дека треба да бидат 30’ … Сега очекувам дека ова е математика која ја склопиле и составиле и од денеска ќе почнат нова реторика. Наместо да зборуваме за здравјето и за мерките ние сега ќе се занимавме со тоа дека ВМРО-ДПМНЕ бега од избори, а СДСМ е тој кој ќе оди на избори“,
изјави Мицкоски.
Во однос на евентуална лидерска средба тој изјави дека би седнал на секаква лидерска средба каде ќе се разговара за здравјето на граѓаните и за иднината на државата.
Мицкоски рече дека му е непријатно во ваква ситуација со коронавирусот да зборува за избори и побара да не се лицитира со датуми.
„Од власта да престанат да лицитираат датуми за избори затоа што приоритет број еден е здравјето на граѓаните, и заштитата на стандардот и ништо друго, ама баш ништо друго. Мора да се носат одлуки кои нема да бидат под импресија на тесногради интереси, туку како последица на разум и мудрост“,
изјави Мицкоски.