Откако Заев потпиша штетен договор со Бугарија во 2017-та година, откако Ковачевски потпиша понижувачки Протокол во 2022 година, сега од Бугарија доаѓаат најави за нов пишан документ кој се подготвува на сметка на Македонија, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на прес-конференција рече дека најавите на бугарскиот министер за надворешни работи во службената влада на Бугарија, Николај Милков дека ќе има нов писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различните институции во односите со Македонија, ќе значи дека писмено ќе се уредат сите тие како што ќе кажат “обврски“ за Македонија и тие обврски ќе се однесуваат за македонските институции.
„Ете до каде не дотера измеќарскиот менталитет на Ковачевски и СДСМ. Ова е погазување на суверенитетот на Македонија. Немањето на стратегија на владата на СДСМ и Ковачевски остава простор Бугарија да диктира како што ќе кажат “систематски пристап“ , со цитирам “ јасно запишани задачи и одговорности, за да може да се очекуваат и резултати“,
кажа Лефков.
Тој воедно кажа дека она на кое што предупредувала ВМРО-ДПМНЕ и експертите во Македонија ќе стане реалност, односно, Македонија ќе добие нови уцени, барања и задачи од бугарската страна.
„Затоа кажавме дека прифаќањето на “Предлог“ кои огромното мнозинство на граѓаните не го прифаќаа, води или до бесконечни преговори или до асимилација по бугарски диктат. Бугарија јасно порача дека во преговарачката рамка за Македонија историјата е составен дел, сиротата министерка за култура веќе најавува цензура на културното творештво, а со новиот пишан документ ќе се предвидат и нови обврски за Македонија. Сега после еден месец од историскиот успех кој што го најави Ковачевски се случува нов дебакл и нов пишан документ со задачи”,
вели Лефков.
Тој воедно ги прозва премиерот, министрите во Владата но и претседателот Пендаровски да одговорат што содржи овој нов документ кој е најавен од бугарска страна.
„Овој документ ќе биде основата на која Бугарија ќе го оценува напредокот по нивни терк и според кој ќе одобрува или не продолжување на преговорите. Каде се сега Османи, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски да кажат што содржи овој пишан документ кој го најавува бугарската дипломатија? Пак ли ќе се кријат и ја доведуваат Mакедонија пред свршен чин”,
вели Лефков.
Тој кажа дека за да престанат како што вели предавствата и газењето на македонските национални и државни интереси мора да се случат избори, но и референдум на кој народот јасно ќе каже дали е за или против ваквата измеќарска и понижувачка политика на Ковачевски и СДСМ.