Во врска со појавенитe шпекулации во јавноста за нови взаемни документи меѓу Северна Македонија и Бугарија, Министерството за надворешни работи со внимание го следи процесот на формирање на Службената Влада на Република Бугарија и развојот на внатрешните и надворешните политики, велат од МНР и потенцираат дека охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата Влада.
„Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори. Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“
прецизираат од МНР.
Вчера шефот на бугарската дипломатија во привремената влада Николај Милков кажа дека непосредна задача на бугарското Министерство за надворешни работи во однос на билатералниот дијалог со Реоублика Северна Македонија ќе биде усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски.
„Во нашите односи со Северна Македонија, ние сме во фаза кога, пред се, мора да обезбедиме координација на различни институции, за ова треба да донесеме можеби ќе биде писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различни институции, организации во однос на тоа што треба да се направи во иднина во нашите односи со Северна Македонија, за да се постигне систематски пристап, јасно да се напишат задачите и одговорностите, за да може да се очекуваат и резултати. Се надевам дека ќе има процедура за консолидација и во РСМ за тоа што можеме да направиме во позитивна смисла, бидејќи за жал и да имаме одреден консензус за Северна Македонија, консензусот не е многу јасно видлив таму“,
рече Милков.