Од партијата обвинија оти братот на првиот вицепремиер, Ветон Груби, поседува голем деловен простор на улица „Македонија“ во вредност од половина милион евра. Објектот со површина од 127 квадратни метри, според ВМРО-ДПМНЕ, е купен во време кога Груби е вицепремиер во Владата
Како што најави, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжи со низата обвинувања за луѓето блиски до првиот вицепремиер Артан Груби, кои, како што велат од партијата, вртат големи бизниси, а тоа им го овозможуваат функционери на ДУИ во институциите.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес-конференција обвини дека братот на првиот вицепремиер Ветон Груби поседува голем деловен простор на улица „Македонија“ во вредност од половина милион евра. Објектот со површина од 127 квадратни метри, додаде Лефков, е купен во време кога Груби е вицепремиер во Владата.

„Овој деловен простор според катастарската евиденција е сопственост на Ветон Груби, брат на Артан Груби. Квадратен метар деловен простор на оваа локација се движи помеѓу 3 000 и 4 000 евра, што значи дека објектот на Груби вреди и до 500 000 евра. Артан Груби, да одговори како неговиот брат Ветон Груби го купува овој имот и со кои средства? И дали при купување на имотот на било кој начин е искористена неговата политичка моќ или политичко влијание?“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес-конференција.

Викендов ВМРО-ДПМНЕ обвини дека семејството на Артан Груби трупа милионски бизниси и имот преку неговиот брат, кој директно или индиректно е поврзан со повеќе бизниси, како што е и тој за баждарење на инструментите за точење нафтени деривати и гас.
Од партијата ги повикаа Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Јавното обвинителство да отворат постапка за, како што велат, бизнис-империјата, која се плете околу Артан Груби, и да отворат постапка за потеклото на парите и можната злоупотреба на влијание од негова страна.