ВМРО-ДПМНЕ го обвинува првиот човек на Комисијата за заразни болести, и директорите на седум Клиники назначени од министерот за здравство Венко Филипче, како и самиот Филипче за погрешни мерки во справување со епидемијата со ковид-19.
„ВМРО-ДПМНЕ веќе предупреди дека податоците за новозаболени ќе се штелуваат со цел да се глуми нормалност. Се поставува прашањето дали навистина професионализмот на Комисијата за заразни болести потклекна на барањата на Зоран Заев да се спушти бројката на новозаразени со тоа да не се тестираат и оние кои што се можни асимптоматски случаи?“,
рече Игор Николов на прес-конференцијата.
Николов во име на партијата побара, како што рече „итно проветрување и прочистување на Комисијата за заразни болести“.
„Ако бројката на новозаразени со корона вирусот беше околу 10 проценти пред две недели од тестираните сега се движи околу 15-20 проценти од тестираните лица дневно. Ова е показател дека многу порано требаше да се спроведува она што го предлагавме – поголем број на тестирања, масовен скрининг пред се на ризичните групи, на хронично болните, на возрасните, и секако на медицинските работници… Македонија е единствената земја во регионот и пошироко во која системот комплетно потфрли во справувањето со корона вирусот“,
рече тој и притоа се повика на анализата објавена на Форбс.