Од партијата обвинија дека третиот блок на комбинатот не функционира по неполни 40 дена од монтажата на новиот трансформатор, за кој обвинија дека е купен во сомнителна зделка. Прашуваат дали зад ваквите плански испади на блоковите на РЕК „Битола“ среде грејна сезона се крие бизнис за увоз на струја, во кој, како што велат, се наплаќаат тешки провизии од фирми блиски до власта
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини за нова хаварија на третиот блок на РЕК „Битола“.
Велат дека блокот не функционира по неполни 40 дена од монтажата на новиот трансформатор, за кој обвинија дека е купен во сомнителна зделка.
„ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период предупредува за непланскиот ископ во рудниците во РЕК ‘Битола’ и јагленот со лош квалитет кој се носи од увоз! Комбинацијата од овие два типови на јаглен поддржана со канцероген мазут, како и нестручното раководење со термоелектраната довело до затрупување на котелската постројка со шљака и земја од рудниците на речиси 20 проценти од котелската постројка што доведе до ‘плански испад’ на Блок 3“,
се вели во соопштението на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму прашуваат дали зад ваквите плански испади на блоковите на РЕК „Битола“ среде грејна сезона се крие бизнис за увоз на струја, во кој, како што велат, се наплаќаат тешки провизии од фирми блиски до власта.
Вакви фирми за извоз на струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ, имаат безмалку сите челници во власта. Како пример го посочија синот на поранешниот премиер и синовите на, како што велат, речиси сите челници од ДУИ.
„Ако на ова се додаде и фактот дека во последните пет години не се правени ремонти на блоковите на термоелектраните, а парите се потрошени во договори во четири очи, тогаш со право може да се заклучи дека состојбата со РЕК ‘Битола’ е алармантна!“,
заклучуваат од Комисијата за енергетика на опозициската партија.