Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти документите што ги објави СДСМ, а за кои тврди дека содржат оперативен план на партијата на Христијан Мицкоски за реализација на шема за пласирање лажни вести за рејтинзите и партиите, се целосно измислени. Потписите на документот, како што додаваат од партијата, се целосно измислени и не кореспондираат со реалните
ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе тужба за клевета против Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ако оттаму денеска не се извинат поради обвинувањето оти серијата предизборни анкети објавени на јавниот сервис во изминатиот период се лажни и по нарачка од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат оти документите што ги објави СДСМ во кои е објавен план за реализација на шема за пласирање лажни вести за рејтинзите и партиите се целосно измислени.
„Најостро и изречно ги демантираме информациите првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС. Не постои документ подготвен од републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДС. Сметаме дека изворот на ваквите информации се од кујната на СДС кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Потписите на документот, како што додаваат од партијата, се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.
„Иако видовме дека за СДС е нормално да го погреши презимето на својот лидер Ковачевски, веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста“,
заклучуваат од партијата.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува откако претходно СДСМ, објавувајќи документи, обвини дека партијата на Христијан Мицкоски направила оперативен план кој се однесува на пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани на јавниот сервис и за други активности како пласирање лажни вести.