Александар Николоски повикува да се постават основите на усогласена надворешна политика на земјата и на стратегија за национална безбедност, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека му е згадено да зборува за избори во време кога секој ден има нови случаи на коронавирус
ВМРО-ДПМНЕ предлага на претстојната лидерска средба, освен за состојбата со здравствената и економска криза, да се разговара и да се усогласат заедничка стратегија и документ, како одговор на условувањата на Бугарија. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, треба да се поставуваат основи за заеднички усогласена надворешна политика, како и стратегија за национална безбедност, кои ќе бидат документи од долготраен карактер и ќе бидат обврска за сите идни влади.
„Сведоци сме дека власта, предводена од Заев, Спасовски, Димитров и Шекеринска, се обидува да го релативизира документот на Бугарија, кој стана составен дел на одлуката на Европскиот совет за Македонија, а со кој директно се подриваат темелите на македонската држава – македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ. Тоа релативизирање има за цел да го стави проблемот под тепих, да ја стави главата во песок и сите да се однесуваат како да не постои, па дури имаше и изјави во таа насока дека најдобро било да се игнорира“,
вели Николоски.
Според него, потребно е да се изгради заедничка позиција како одговор на обидите за бришење на македонскиот јазик и народ. Таа позиција, како што вели, треба да е изградена во согласност меѓу сите клучни политички и општествени фактори, да ја одразува сегашната состојба и да е обврзувачка за сегашната и за секоја идна влада.
„Исто така, е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика, како и стратегија за национална безбедност. Овие два документа треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој иден министер за надворешни работи, за внатрешни работи и за одбрана, како и за директорите на безбедносните агенции, без разлика од која политичка партија се и без разлика во која влада би биле именувани. Би сакал да ја потсетам јавноста дека ова го предложи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минатата година, веднаш по декларацијата на собранието на Бугарија. Овој документ во ЕУ е само продолжение на таа декларација. Тогаш одговор немаше, денес се надевам дека СДСМ ќе се надмине себе и ќе го прифати ова“,
изјави Николоски.
За изборите, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не се во првите три приоритети на партијата. Вели дека му било згадено да зборува на оваа тема во услови кога секој ден има нови болни од коронавирус.
*поврзани вести: Димитров му одговори на Николоски нарекувајќи го „политички лешинар“