Граѓаните на Гостивар заслужуваат одговорност, а не ароганција, заслужуваат градоначалник кој ќе стои зад своите одлуки. Оттука, сметаме дека моралната одговорност и политичките последици за Валбон Лимани се неизбежни доколку сака да покаже почит кон граѓаните на Гостивар, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Валбон Лимани, кандидатот на Филипче, Ахмети и Таравари, покажа дека за него најважно е да ја зачува функцијата, а не довербата на граѓаните, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ и го повикуваат на одговорност градоначалникот на Гостивар. Во соопштението од владејачката партија наведуваат дека Лимани треба да излезе пред јавноста и да признае дека како градоначалник ја носи најголемата одговорност за случувањата во Општина Гостивар, наместо да се огради од скандалот со водата и да порача дека не чувствува никаква морална одговорност.
„Токму тоа е суштинската разлика меѓу политичарите кои преземаат одговорност и оние кои секогаш бараат изговори. Кога целиот град е погоден од ваков сериозен проблем, граѓаните не очекуваат оправдувања, туку отчетност. Ако градоначалникот не е одговорен за работата на луѓето што самиот ги поставил да раководат со јавните претпријатија, тогаш кој е? Дополнително загрижува молкот на СДС, ДУИ и Таравари. Наместо да побараат одговорност од својот кандидат, тие избраа да молчат. Очигледно, кога станува збор за нивни функционер, стандардите се менуваат, а принципите исчезнуваат’,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат надлежните институции целосно да го расчистат случајот, без селективност и без политички калкулации и порачуваат дека никој не смее да биде заштитен од политичка или институционална одговорност.
„Граѓаните на Гостивар заслужуваат одговорност, а не ароганција, заслужуваат градоначалник кој ќе стои зад своите одлуки. Оттука, сметаме дека моралната одговорност и политичките последици за Валбон Лимани се неизбежни доколку сака да покаже почит кон граѓаните на Гостивар“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската СДСМ, пак, побараа оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска и од сите други одговорни лица кои, како што велат од партијата, со своето непостапување и криење информации придонеле за масовното труење на жителите на Гостивар.
За случајот со загадувањето на водата се осомничени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути, на кои вчера на барање на ОЈО Гостивар, судија на претходна постапка од локалниот суд им одреди 30-дневен притвор. Тие се осомничени за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење.
Од Јавното обвинителство на брифинг со новинарите порачаа дека не се исклучува можноста од проширување на истрагата.
