Го повикаа премиерот Христијан Мицкоски итно да се повлече од оваа идеја за која предупредија дека ќе ја стави државата во политичко и економско заложништво и да започне преговори за финансирање од проверени и контролирани меѓународни финансиски извори

ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби за својата неспособност. Ѝ порачуваме да престане да се правда дека немало пари во буџетот. Тоа е алиби за лошите политики што ги планира како што се прекинување на политиките за раст на платите и задолжувањето од 500 милиони евра од Будимпешта, велат од опозицискиот СДСМ.
„Владата на СДСМ обезбедуваше во континуитет плати за сите вработени во јавната администрација и претпријатијата во сите седум години и во услови на светски кризи. Граѓаните знаат дека СДСМ цели седум години работеше во апокалиптични економски светски кризи или во економско цунами, ако сакаме да се изразиме со речникот на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ниеднаш не се пожали за тоа, а пари се обезбедуваа за сите потреби. Мицкоски нема намера да работи совесно и одговорно, туку преку обвинувања кон СДСМ да прави буџет со кој ќе ги тера неговите погрешни политики. СДСМ во најтешки економски времиња обезбеди континуирано покачување на платите и пензиите, обезбедивме повеќе од милијарда евра за директна финансиска поддршка на компаниите и граѓаните во кризите и буџет за сите капитални инвестиции“,
велат од партијата.
Од СДСМ порачуваат – ако ВМРО-ДПМНЕ не е способна да раководи со буџетот сега кога кризите се зад нас и имаат чиста економска ситуација, тогаш тоа укажува само на голема неспособност.
Опозицијата обвинува и дека премиерот Христијан Мицкоски ја лаже јавноста околу кредитот од Будимпешта. Тврдат дека не е точно дека таквиот кредит е поповолен за стопанството од кредитите кои ги обезбеди СДСМ преку Европската инвестициона банка.
„Ние веќе користиме кредит од 150 милиони евра од Европската инвестициона банка со подобри услови, односно каматна стапка од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5% каматана стапка. Значи имаме кредит од реномирана институција кој е поповолен за стопанството. Во моментов стопанството има на располагање кредити со каматна стапка под 3%. Што занчи дека поволноста на овој кредит е огромна лага“,
велат од СДСМ.
Од партијата велат дека одлуката е политичка, а не финансиска и додаваат дека на Мицкоски парите му се потребни за предизборен поткуп.
„Тој знае дека ако земе пари од проверени меѓународни институции ќе треба да биде и контролиран како ги троши. Ова не му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и затоа е спремен да ја ризикува финансиската и кредитна стабилност на земјата за свој политички интерес. Со ваквиот кредит во четири очи, Мицкоски планира да изврши огромна политичка корупција во изборната година која следи“,
обвинија од партијата.
Повикаа Мицкоски итно да се повлече од оваа идеја за која предупредија дека ќе ја стави државата во политичко и економско заложништво и да започне преговори за финансирање од проверени и контролирани меѓународни финансиски извори.
Во вчерашното интервју за ТВ Сител, на прашањето зошто заемот се зима од Унгарија и дали со тоа ќе се наруши односот со меѓународните финасиски партнери кои досега ја кредитираат земјата, премиерот Мицкоски рече дека парите немаат боја, ниту национална припадност, ниту, пак, земја на потекло.
„Нека ни дадат под исти услови и други држави, ние од таму ќе земеме. Нека ни дадат подобри услови. Ние имаме пријател таму. Побаравме – добивме. Еве нека ни даде друга финасиска институција подобри услови. Нема проблем. Тие пари ќе ги земеме, ќе ги вратиме овие. Јас се трудам да заработам за граѓаните. Да поминеме поевтино. При тоа да овозможиме фирмите наши што подигаат заеми од банките во Македонија по 5 или 6 проценти камата, да добијат два пати помала каматна стапка, да имаат три години грејс период и да имаат доволен период на отплата за истите. Тоа е мојата борба. Немаме фрустрации дека мора од Унгарија да земеме. Во моментот таа е најдобрата понуда што ја имаме“,
рече Мицкоски.