Од партијата го повикаа премиерот Димитар Ковачевски и УХМР да одговорат дали нивните радарски центри го детектирале невремето и го известиле носителот на набавката за засејување на облаците, со цел да се превенира големата катастрофа што се случи во текот на вчерашниот ден
Од СДСМ, пак, велат дека за само три години процентот на заштита од град за земјоделските површини е 80 проценти и додаваат оти не е до авионскиот систем, туку дека за вчерашното невреме во Скопје потфрлила локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ
По вчерашното невреме кое го зафати Скопје, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од власта поради, како што велат, тоа што од 2020 година Владата преку Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) плаќа над еден милион евра за набавка на услуги за авионско растерување на облаците како превенција од временски непогоди.
Секоја година, велат оттаму, и покрај дадените еден милион евра народни пари ни се случуваат природни непогоди и штети од град низ целата држава, а тоа, додаваат, во текот на вчерашниот ден беше случај со Скопје и скопско поле.
„Ова е договорот кој секоја година, три пати до сега го склучува УХМР со Аероклуб Скопје и секоја година, преку буџетот се исплаќаат над еден милион евра народни пари. Овој договор доколку се почитува, ќе превенира секакви непогоди, и нема да дозволи енормни штети, како што беше случај во текот на вчерашниот ден“,
вели Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

Трипуноски вели дека во договорот е наведено дека УХМР е должна да ја одржува исправноста на радарските центри во Ѓуриште и Тополчани во период од 05.05.2022 година до 04.11.2022 година, а дека дополнително, секој ден најдоцна до 11 часот да достави билтен за временската состојба и прогноза на времето за тековниот ден, и истите да ги достави по меил до одговорното лице на давателот на услугата за спроведување на одбрана од град.
„Од друга страна, Аероклуб Скопје се обврзува најдоцна до почетокот на противградобијната сезона да инсталира Автоматски агрегати и УПС уреди на радарските центри во Ѓуриште и Тополчани за непрекината работа на радарите. И истовремено неговите авиони да бидат спремни за полетување максимум 1 час после известувањето од дежурниот на радарскиот центар за можна појава на нестабилност во текот на денот“,
додава Трипуноски.
Од партијата го повикаа премиерот Димитар Ковачевски и УХМР да одговорат дали нивните радарски центри го детектирале невремето и го известиле носителот на набавката за засејување на облаците, со цел истиот да ја превенира големата катастрофа која што се случи во текот на вчерашниот ден.
Доколку не го известиле носителот за набавка со цел да изврши превенција, оттаму велат оти очекуваат оставка од директорот на УХМР и Ковачевски како премиер, а потоа и кривична одговорност за истите.
„Доколку, пак, е известен и не постапил, Јавното обвинителство веднаш да пристапи кон негово приведување и отворање на постапка. Зошто вчера од целосната катастрофа Скопје го спаси само навремената реакција на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“,
заклучи Трипуноски.
По прес-конференцијата на Цветан Трипуноски, пак, од СДСМ велат дека не е до авионскиот систем, туку дека за вчерашното невреме во Скопје потфрлила локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Што се однесува до споменатиот систем за авионско засејување облаци Трипуноски пред да излезе во јавноста треба да се информира и да знае дека се користи само за реагирање, одбрана и превенција на земјоделски површини. За последните три години процентот на заштита од град за земјоделските површини е 80 проценти“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека во вчерашното невреме кое го зафати Скопје се виновни локалните самоуправи во градот предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија.
„Невремето предизвика хаос во сообраќајот, а Центарот за управување и контрола на сообраќајот не ги информираше граѓаните што се случува на сообраќајниците. На терен беше само полицијата и институциите од централната власт а локалната власт никаде ги немаше“,
посочуваат од партијата.