Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ по 15-ина минути од почетокот на средбата во Собранието за законот за ЈО го напуштија состанокот и во изјава за медиумите Антонијо Милошоски рече дека нивното барање е на оваа средба да присуствува и републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
Тој рече дека тие се подготвени да продолжат со разговорите и денеска, и утре, и задутре, но само ако на состаноците присуствува и Јовески.
Пратеникот од опозицијата рече дека бараат обвинителот да присуствува на средба затоа што минатиот месец Јовески во изјава кажал дека има забелешки за предлог-законот и оти е потребен квалитетен закон кој нема да биде резултат на политички договарања.
Друго барање на ВМРО-ДПМНЕ е да се организира јавна расправа, која подоцна во изјава за медиумите министерката Рената Дескоска изјави дека таа ќе се одржи наредната недела.
Милошоски, сепак, го оцени предлог-законот од Министерството за правда како добра основа за преговори.
Во однос на забелешките, Милошоски рече дека смета оти Зоран Заев со овој закон се обидува да вгради обвинители кои понатаму ќе го штитат од криминалите.
Конкретни забелешки написмено на оваа средба тие не доставиле, а како што рече пратеникот тоа ќе го направат кога ќе биде присутен и Јовески.
Инаку, во името на ВМРО-ДПМНЕ тој го поздрави чекорот на министерката Рената Дескоска со кој на денешниот состанок ги поканиле и претставниците на граѓанскиот сектор и на меѓународната заедница.
Инаку, барањето за присуството на Јовески е ново, за него јавноста првпат слушна од изјавата на Милошоски. Претходно генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на прес-конференција рече дека бараат стручната јавност и меѓународниот фактор да бидат дел од средбата, но не спомена дека бараат и републичкиот обвинител да биде присутен.
Состанокот со останатите пратенички групи е во тек.

На средбата се појавија претставници од сите пратенички групи, Натали Петровска како претставник на Блупринт групата која претставува мрежа од невладини организации кои ги следат реформите во правосудството, како и претставници од ЕУ и амбасадата на САД во Скопје.
*Поврзани вести
Независните од ВМРО-ДПМНЕ бараат во Собрание, а не во штабови да се разгледува законот за ЈО
Дескоска попладнево на средба со сите пратенички групи за законот за ЈО