Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, претходно денеска на прес-конференција ги обвини владејачките партии дека подготвувале изборна кражба и побара посредништво од меѓународната заедница
Никој не е против воведување скенери за отпечаток од прст на локалните избори и се работи на додефинирање на решението, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека власта го кочи ова решение, бидејќи подготвува изборна кражба.
„Отворени сме за овие разговори, очекуваме од членовите од ДИК ги дефинираат законските одредби за да се додефинира делот за опремата, и тие треба да се поднесат до Собранието. Она што остана уште се алтернативните начини за верификација на идентитетот на гласачите доколку не функционираат апаратите. Потоа ќе се направат пилот-тестови и мислам дека ВМРО-ДПМНЕ избрзаа дека не постои волја, бидејќи таа постои и е во тек и брзо ќе најдеме решение“,
рече Маричиќ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, претходно денеска на прес-конференција ги обвини владејачките партии дека ги растуриле преговорите за измена на Изборниот законик барајќи да се вратат во функција спрејот и УВ-лампата, наместо да се набават скенери за отпечатоци од прст и побара посредништво од меѓународната заедница бидејќи СДСМ и ДУИ подготвувале изборна кражба.