Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски бил разбиен митот дека има пратеници на опозициската партија што би гласале за уставните измени под вакви околности. Коментирајќи ја изјавата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која на прес-конференција истакна дека Мицкоски по лидерската јавно кажал дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени, со што де факто го променил ставот, Муцунски рече дека таквите изјави не соодветствува со реалноста
Од Бихаќска утрово исто така излегоа со соопштија на темата, но со посмирен тон во одговорот на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза „затоа што променија став и прифатија уставни измени, како и учество во широка влада за европска интеграција“. Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и прифаќањето уставни измени е добра основа за продолжување на дијалогот, велат од владејачката партија

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот потврден од сите партиски тела дека уставни измени под вакви околности партијата нема да прифати, а првичниот заклучок од лидерската средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е дека власта нема двотретинско мнозинство за уставните измени. Ова го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во своето гостување во утринска емисија на Радио Лидер.
Според него, по лидерската средба бил разбиен митот кој, како што рече, парламентарното мнозинство на ДУИ и СДСМ, го градело повеќе од шест месеци, дека има пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат за уставните измени под овие околности.
Говорејќи за уставните измени, Муцунски вели дека, она што го потврдил лидерот на партијата Мицкоски на лидерската средба е дека може да се разговара за нивна одложена примена, односно уставните измени да важат од моментот кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија.

„Имаме Влада која што пред една година сите се сеќаваме и создаде на Македонија проблем. Проблемот меѓу другото е создаден од тоа што имаме сосед Република Бугарија која што е непринципиелна и агресивна спрема Македонија. И земја која што работи во попречување на европската иднина и европскиот пат на државата. Владата прифати еден предлог кој што во својата содржина е неприфатлив за нас. И ние велиме прифатливи се сите типови на предлози, а кои што можат да значат сигурност во македонскиот евроинтегративен пат примарно воден низ призмата на европските вредности. Кога се во прашање уставните измени, ако се сеќавате ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци даде потврда дека ние како политички субјект сме подготвени на пример да го поддржиме хрватскиот модел на уставни измени. Ние исто така сега, претседателот Мицкоски потврди да може да разговараме за одложена примена, а таа одложена примена да важи во моментов Македонија кога ќе стане земја членка на ЕУ. Што е битно? Битна е извесноста, битно е да знаеме дека нема да имаме никоја понатамошна блокада од страна на Република Бугарија врз основа на субјективни билатерални критериуми“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека по никоја цена не може да се разбере постојаната негација на македонскиот јазик, идентитет и сите културни обележја од страна на Бугарија.
Коментирајќи ја изјавата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која на прес-конференција истакна дека Мицкоски по лидерската јавно кажал дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени, со што де факто го променил ставот, Муцунски рече дека таа не соодветствува со реалноста.
„Тоа е еден тренд на функционирање на СДСМ веќе 5-6 години наназад односно пласирање на лажни тези преку еден медиумски апаратус кој што тие го имаат. Вчера гледав прес конференција на портпаролката на партијата која што не соодветствува со реалноста. Тие сакаат да создадат перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило нешто што не е прифатено, и сега мислат дека бидејќи лагата ќе ја лиферуваат два дена на крај јавноста ќе поверува“,
рече Муцунски.
Потпретседателот на најголемата опозициска партија, рече дека во работната група за уставните измени немало ниту еден професор по уставно право.
„И затоа велам дека доколку СДСМ мисли дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило под овие околности уставни измени, еве ги подготвиле уставните амандмани, во една скриена работна група каде што немаше еден професор по уставно право, ќе потсетам само. Не сакам да ги потценам, најверојатно се компетентни во своите области, но таму немаше еден професор по уставно право“,
рече Муцунски.
Претходно преку писмено соопштение од опозициската партија го повикаа премиерот Димитар Ковачевски да си даде оставка „затоа што манипулативните политики на неговата Влада се разобличени“.
„Излезе на виделина дека цело време ги лажеа и домашната и меѓународната власт дека имаат двотретинско мнозинство за уставни измени. За жал најголема жртва на ваквата нивна политика е Македонија и народот. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нуди конкретен предлог кој на Македонија и нуди излез од евроинтегративниот ќор-сокак и заштита на националните и државните интереси, заштита на македонскиот идентитет и јазик. Предлогот предвидува да се бараат гаранции од страна на европските институции за многувековниот македонски идентитет и јазик. Освен гаранциите од европските институции ќе се побара и конкретен финансиски пакет за поддршка на македонското стопанство. Дополнително уставните измени би стапиле на сила непосредно пред самиот влез во ЕУ, со што би се заштитиле од нови и нови блокади по некакви етнички и идентитетски прашања, а во исто време би се очекувало од страна на Бугарија како чин на пријателство да примени барем три од многуте пресуди на судот во Стразбур“,
се вели во партиското соопштение во кое од ВМРО-ДПМНЕ ги повторуваат предлозите што нивниот лидер ги изнел на средбата со Ковачевски.
Од Бихаќска, утрово исто така излегоа со соопштија на темата, но, со посмирен тон во одговорот на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза „затоа што променија став и прифатија уставни измени, како и учество во широка Влада за европска интеграција“.
„Разбираме дека промената на ставот можеби дојде наеднаш, дека паднаа во вода сите изјави за францускиот предлог и за договорот. Разбираме и тоа дека со една изјава се избришаа нотарските изјави и потписите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени. Но, не е прв пат опозицијата да промени став. Овој пат тоа е добро затоа што може да доведе до заеднички придонес за продолжување на европскиот пат на земјата, секако доколку останат на она што јавно го кажа Христијан Мицкоски. Затоа не треба нервоза. Има време за политичко ривалство, сега е потребна одговорност пред иднината на земјата. Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и прифаќањето уставни измени е добра основа за продолжување на дијалогот. Да седнеме заедно и да ја продолжиме дебатата, да ја реализираме европската агенда, во интерес на граѓаните и на државата“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Инаку денеска попладне треба да се одржат седниците на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, што ги свика Ковачевски по лидерската средба со лидерот на опозицијата.
Очекувањата се дека тема на утрешното заседавање на највисоките тела на СДСМ ќе биде токму тоа – начинот и формата во која ќе се одвиваат натамошните разговори со ВМРО-ДПМНЕ.