Опозициската партија сугерира премиерот да побара писмени гаранции дека Бугарија нема да ги оспорува македонската јазична посебност, идентитет и историја. Дополнително, државата да добие гаранции од Брисел дека нема да има дополнителни пречки на нашиот пат кон ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски да побара гаранции од Софија за заштита на македонските јазик, историја и идентитет, како и гаранции од Брисел дека земјава нема да биде понатаму попречувана во евроинтеграцискиот процес, сугерира опозициската ВМРО-ДПМНЕ по најавите на бугарскиот премиер Кирил Петков за внесување на Бугарите во македонскиот Устав во текот на преговорите на земјава со ЕУ.
„Ковачевски да се произнесе за потребата за писмени гаранции за јазикот и историјата за заштита на идентитетот во преговорите со Бугарија. Ковачевски да побара писмени гаранции дека Бугарија нема да ја оспорува македонската јазична посебност, идентитет и историја. Дополнително, државата треба да добие гаранции од Брисел дека нема да има дополнителни пречки на нашиот пат кон ЕУ“,
се наведува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ по најавата дека Ковачевски и Петков ќе испратат заедничко писмо до ЕК.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат и Македонија да побара и да добие соодветни гаранции, а во спротивно нема да прифатат сè друго што е спротивно на овие принципи.
„Ковачевски да не ја става државата во подредена положба и да побара гаранции со што ќе се заштитат Македонија, идентитетот, јазикот и историјата. Сè друго што оди наспроти овие принципи е штетно за Македонија и ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати“,
се наведува во соопштението на опозициската партија.