Од опозициската партија велат дека Груби има толку многу скандали зад себе што може да снима крими-серија, а ако Обвинителството решило да ги чува предметите за него во фиока, тогаш ќе му треба поголем фиокар
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение излезе со тврдење дека првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ се јавувал во Јавното обвинителството со цел да спречи да се отвори истрага против него.
„По низата скандали што беа обелоденети за Артан Груби, очигледна станува нервозата кај него. Загриженоста на Груби отишла дотаму што се јавувал во Јавното обвинителство да спречат отворање истрага за криминалот поврзан со него. Но, Груби има толку многу скандали зад себе што може да се направи крими-серија во неколку продолженија. Ако од Јавното обвинителство решиле да ги пикаат сите случаи за него во фиока, ќе им треба голем фиокар“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие и денеска го обвинуваат првиот вицепремиер за тоа дека неговиот брат купил луксузен локал за половина милион евра. Ова беше тема и на седницата за пратенички прашања пред два дена во Собранието, за што Груби од говорница одговори дека цената што ја кажува ВМРО-ДПМНЕ е далеку помала, како и дека локалот е купен со хипотекарен кредит, а тој нема никаква врска со тоа.
„Дури и да е точна верзијата на Груби дека локалот чини само 100 илјади евра, тогаш повторно треба да одговори како може на атрактивна локација неговото семејство да купи деловен простор за 700 евра по квадрат, а реалната цена да е над 2 000 евра по квадратен метар“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Исто така, од опозициската партија потсетуваат и на нивните обвинувања за криминални активности поврзани со Бирото за метрологија кое е раководено од кадар на ДУИ.
„Артан Груби треба да им објасни на институциите како шалтерскиот работник во нивната семејна туристичка агенција отворил компанија за баждарење и за неа добил акредитација од директорката на Бирото за метрологија, која е кадар на ДУИ. Груби треба да им објасни на институциите како истата негова омилена директорка се стекнала со луксузна хациенда на Попова Шапка и не ја пријавила во анкетен лист. Патем, таа директорка набавила и комбе за 600 илјади евра, односно за три години спровела три сомнителни јавни набавки тешки два милиона евра, веројатно затоа што се чувствува заштитена од некој силно позициониран сопартиец“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Групи, пак, во врска со тендерот што го споменува опозицијата во Бирото за метрологија, на спомената собраниска седница, рече дека таа постапка била водена преку ЕУ.