„Тој чим зине, веднаш ќе излаже“, критикуваат од опозициската партија, по гостувањето на премиерот на Сител
ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираше по гостувањето на премиерот Зоран Заев на Сител, нарекувајќи го „очаен, осамен и арогантен олигарх, кој од петни жили се држи за фотелјата, користејќи брутални лаги…“.
„Тој чим зине, веднаш ќе излаже“.
критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека реалноста изгледа поинаку од розовите очила на Заев.
Според опозициската партија, Заев признал дека директен проблем во разговорите со Бугарија не е само јазикот туку комплетните идентитетски обележја на народот и на Македонија.
„Заев призна дека преговара за идентитетот. Оттука е нејасно зошто Заев се уште преговара кога на маса е идентитетот. Заев е осамен во неговата намера за реформи на наставните програми откажувајќи се од предметот историја што е анационален потег кој го осудија сите релевантни општествени субјекти“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со пописот, од опозицијата велат дека Заев е подготвен за нов фалсификат, кој, како што се нагласува, нема да биде признаен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку Заев еднострано продолжи да го турка овој фалсификат, ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што ѝ стои во надлежност и на располагање да го девалвира овој политички попис. Што се однесува до анкетите, Заев може минално да води само на анкети за кои плаќа 33 милиони евра, како што беше последната објавена. Вистината е дека Заев драматично ја губи поддршката и е очаен губитник“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
