Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје бара околу 200 илјади евра за новогодишно украсување на градот да се пренаменат за справување со ковид-19
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје поднесе предлог градот да не се украсува за новогодишните празници, а средствата што скопскиот градоначалник Петре Шилегов ги планирал за таа намена да се пренаменат за справување со ковид-19.
„Дрско и неодговорно е расипништвото на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој во период на најголема светска здравствена и економска криза троши 200 илјади евра за сијалички, лампиони и останати реквизити за новогодишно украсување. Шилегов има пари за лампиони, но болниците немаат возила за итна медицинска помош. Шилегов троши 200 илјади евра за сијалички и украси, а учениците немаат компјутери за да следат онлајн-настава“,
изјави сиоветничката на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје, Ирена Попова.
Таа презентира и предлог-одлука за пренамена на средствата за новогодишното украсување за справување со епидемијата, за која рече дека Шилегов и мнозинството од СДСМ во Советот ја одбиле.

„Тие одбија да помогнат во корона-кризата, за Шилегов да тера забави и украсување за Нова година, што е врв на недомаќинско и раскалашено однесување. Со овие пари ќе се спасеа животи. Тоа што за само три години се потрошени 740 илјади евра за украсување и фактот што градоначалникот останува нем на нашите повици за пренамена на овогодинешните средства, укажува на тоа дека постои оправдан сомнеж за заштита на одредени бизнис-интереси. Очигледно и украсувањето за Шилегов е бизнис. На Скопје му треба градоначалник, а не шминкер“,
рече Попова.