Од СДСМ тврдат дека градежни активности не се започнати без претходно склучен посебен договор со фирмата „КБК инженеринг“, која ВМРО-ДПМНЕ ја посочи како изведувач на реконструкцијата на водоводна мрежа на улица „Варшавска“ во Скопје
ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски, дека распишале тендер за реконструкција на водоводна мрежа откако таа завршила.
„Весковски и Шилегов договориле и направиле, па отпосле распишале тендер за да ја исплатат фирмата која реконструирала водоводна мрежа на улица ’Варшавска’. Весковски направил кривично дело според член 353 од Кривичниот законик. Според демант што во текот на вчерашниот ден го пушти ЈП ’Водовод и канализација’, јасно се гледа дека Душко Весковски јавната набавка за реконструкција на водоводната мрежа на ул. ’Варшавска’ ја направил на 1 октомври 2020, односно два месеца откако фирмата која ја избрал на тендер веќе ги завршила градежните активности’,
тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение за јавноста.
Според опозициската партија, градежните работи на ул. „Варшавска“ започнале на 14 јули, а завршиле на 20 август 2020 година. Фирмата изведувач, како што се наведува, чекала два месеци за Весковски да распише тендер и да ја избере за да може да се наплати.
„ВМРО-ДПМНЕ поседува цврсти докази за целата криминална постапка од над 18 милиони денари на Весковски и Шилегов и ќе ги објави на денешната прес-конференција, тоа се детали од кои се потврдува дека фирмата ’КБК инженеринг’ градела пред набавката“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, повикувајќи се на информации од „Водовод и канализација“-Скопје, одговараат дека реконструкцијата на водоводна и канализациска мрежа на улица „Варшавска“ е спроведена согласно законските прописи и градежните стандарди и нормативи. Градежни активности од посочената фирма, велат од СДСМ, не се започнати без претходно склучен посебен договор.
„Како што се ближи денот на изборите така правопропорционално расте и стравот во ВМРО-ДПМНЕ од поразот што ги очекува во град Скопје. Како што се зголемува стравот кај ВМРО-ДПМНЕ така се зголемува и пласирањето на лажни вести и невистини“,
велат од СДСМ.
Досегашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ е кандидат на СДСМ за градоначалник на Карпош на претстојните избори, додека Шилегов е кандидат за нов мандат за градоначалник на Скопје.