Пратеникот од СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница за избор на нова влада, обвини за изборна измама.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ иако ветувале, сепак нема поништување на Преспанскиот договор.

„Ова е еден вид изборна измама, ВМРО-ДПМНЕ ги излажа граѓаните, едно говореше, едно ветуваше, а уште не седнати министри го прават спротивното, нема поништување на Преспанскиот договор, нема промена на преговарачката рамка, целта им била само да дојдат на власт“,
рече Талески.
Талевски смета дека е чесно ВМРО-ДПМНЕ да каже пред македонската јавност дека ги излажале граѓаните.
„Ги излажавте граѓаните дека прва одлука ќе биде промена на Преспанскиот договор и дека ќе го вратите името на државата, а не вашиот кандидат за премиер да каже дека името Република Северна Македонија е реалност и ќе го користи во комуникацијата уставното име на државата. Вие овде нѐ правевте предавници, свиревте со вувузели, скандали правевте за сега вашиот претседател да каже спротивно, дека немал проблем со уставното име. Тоа е првата лага што ја приредивте за граѓаните. За францускиот предлог велевте дека ќе барате промена на преговарачката рамка. Вашиот потпретседател вчера на телевизија рече дека нема да барате ниту промена на преговарачката рамка. Кажете ѝ го тоа на македонската јавност. Целта ви била само да дојдете на власт“,
рече Талески.
Претходно зборуваше неговиот сопартиец, Оливер Спасовски кој посочи дека програмата на владата и концептите на партиите кои се дел од мнозинството се различни од ветувањата што беа дадени пред граѓаните.
„Првиот основен приоритет, нашето членство во Европската Унија во програмата е со сосема различен концепт од оној што го застапуваше како опозиција во изминатите осум години и во времето на предизборието, како што е почитувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и преговарачката рамка. Факт е дека нема ниту збор за укинување на Преспанскиот договор, ниту збор за укинување на Договорот со Бугарија и факт е дека нема план за тоа како ќе ја промените преговарачката рамка за која зборувавте со години наназад дека нема да ја прифатите“,
рече Спасовски.
Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници.
Парламентарното мнозинство, кое се очекува да ја поддржи новата влада во законодавниот дом, брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од „Вреди“ и шестмина пратеници од ЗНАМ.
Новата влада што ја предлага Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде прв вицепремиер.