ВМРО-ДПМНЕ идната недела ќе предложи до Собранието измени на Изборниот законик, за укинување на техничката влада пред избори, со цел да се скратат изборните рокови. Воедно, партијата е подготвена да разговара и за барањето за една изборна единица.
Од партијата на Мицкоски велат дека имаат најголема доверба помеѓу граѓаните. Премиерот Димитар Ковачевски го нарекуваат „администратор на владата водена од ДУИ“, кој според нив, бега од избори.
Оттаму велат дека довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ константно расте, додека за СДСМ паѓа.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски има најголема поддршка кај граѓаните споредено со сите политичари во Македонија. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски ја ужива довербата на 17.7% од граѓаните, наспроти Димитар Ковачевски кој го поддржуваат само 5.5%. Ковачевски ги знае анкетите и тенденциите на јавноста, дека поддршката за СДСМ е во константен пад и затоа бега од избори. Ковачевски нема легитимитет, а нема ниту СДСМ, затоа треба да има нови предвремени парламентарни избори час поскоро“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека целата политика на опозициската партија на Мицкоски се состои во тоа да ги блокира активностите на владата во Собранието, да шири дезинформации и неосновано да бара предвремени избори.
„Во време кога државата се соочува со енергетска криза, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ наместо да понудат решенија бараат предвременипарламентарни избори за дополнително да ги закочат процесите и економијата да стагнира. Тоа е неодговорно, нечесно и себично однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на штета на граѓаните и економијата. Предвремени парламентарни избори нема да има, Владата има полн легитимитет кој го црпи од резултатите од изборите во 2020 година,редно е по повеќе од 15 години Владата и парламентарниот состав да заокружат полн мандат од четири години“,
велат од СДСМ.