Нема пасоши, регистарски таблички и свидетелства, со Заев државата не функционира, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на проблемите со издавањето документи додека од друга страна власта тврди дека обрасци за сите документи има, но има зголемена побарувачка.
Од опозицијата обвинуваат дека државниот апарат под капата на Заев буквално не може да ги пружи услугите кои со закон е должен да ги врши.
„Илјадници граѓани цел месец не можат да извадат патна исправа, а Спасовски вели дека нема проблем. Системот е буквално закочен и не функционира. Нема ниту регистарски таблички. Граѓаните чекаат и по повеќе од три недели за таблици. Наместо таблици добиваат потврди за движење кои важат само за Република Македонија, но не и за надвор од државата. Тие што имаат потреба од патување во странство, а купиле ново возило тоа не можат да го сторат затоа што Заев и Спасовски не си ја вршат работата. Најголема трагедија е тоа што владата не обезбедила ниту свидетелства за учениците, па наместо бесплатно, училиштата ги наплаќаат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, во вчерашните јавни настапи тврдеа дека нема проблеми.
„Имаме навала на вадење документи зошто сега се отворија границите, по една година од пандемијата“,
рече Заев во синоќешното гостување во „Топ тема“ на Телма ТВ.
Зголемената побарувачка тој ја објасни со тоа што на дел од граѓаните им застареле пасошите и не ги обновиле затоа што не им биле потреби, па сега и тие граѓани и оние на кои реално им истекува рокот на личните документи сакаат пред лето да ги извадат документи. За регистарските таблички, пак, рече дека 14 000 веќе се пуштени, а в петок ќе пристигнат и нови 30 000.