ВМРО-ДПМНЕ вели дека договорот меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, за формирање на нова Влада значи дека е продолжување на старите навики на криминал и корупција.
„Ќе потсетиме дека Заев за ДУИ пред изборите рече дека 5 пари не вредат, а ДУИ за СДСМ рече дека се криминалци. Значи државата ќе добие влада која 5 пари не вреди и која е криминална“,
се вели во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев не смее да го укине Пржинскиот модел едностранно, бидејќи тој беше договорен меѓу опозицијата и власта, а за укинувањето треба да се консултира и опоизицјата и меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел.
„Оттука се работи за уште една нова спектакуларна лага на двајцата лидери која има за цел да се оттргне вниманието на крими коалицијата која ќе ја формира владата. Оние кои 4 месеци на оглас откриваат кој ја гради дивоградбата во Мавровка која никне пред очите на целата јавност сега ќе управуваат со буџетот на сите, ќе ја злоупотребуваат и крадат иднината на сите. Ваква крими коалиција е новото цунами во државата. Што се однесува до ветувањето за испитување на потекло на имот, тоа е предлог на ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година. Кога тоа беше предложено од претседателот Мицкоски, Заев тогаш рече дека можело да се испитува потеклото на имот и со постојните закони“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.