„Ако патот на Филипче значи живи луѓе да горат во болница, а него мува да не го лази или тендери во здравство да добиваат фирми за јужно овошје, како и да се склучуваат договори за најскапа стерилизација во светот, тогаш Филипче треба да е сигурен дека тоа не е патот што го следи оваа влада“, велат од владејачката партија
ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја носи Македонија во ќор-сокак. Нашиот пат е јасен, а тоа е целосна интеграција во Европската Унија со сочувано достоинство и на државата и на народот, особено во борбата со корумпираните политичари поради чии интереси сме овде каде што сме. Ова денеска го соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, што ја соопшти на средбата со евроамбасадорот Дејвид Гир, дека се сомнева оти политиките на новата влада можат да предизвикаат трајно блокирање на евроинтеграциските процеси.
„Ако ќор-сокакот во кој СДСМ и ДУИ ја донесоа Македонија, а за што Филипче има огромна улога, го нарекува европски пат, тогаш му се оправдани сомневањата. Ако патот на Филипче значи живи луѓе да горат во болница, а него мува да не го лази или тендери во здравство да добиваат фирми за јужно овошје, како и да се склучуваат договори за најскапа стерилизација во светот, тогаш Филипче треба да е сигурен дека тоа не е патот што го следи оваа влада“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Патот на оваа влада, како што велат од владејачката партија, е да ја врати државата на народот, да имаме напредок кон ЕУ со реформи и зачувано достоинство.
Во разгвоворот со Гир, Филипче го истакна сомнежот околу намерите на Владата воопшто да го продолжи стратешкиот правец кон Европската Унија и посочи дека уште на почетокот на работата на новата влада, земјата има нејасна иднина.
„Загрижен сум дека политиките на новата влада може да предизвикаат трајно блокирање на евроинтеграциските процеси. Владата на ВМРО-ДПМНЕ во само неколку недели целосно ги наруши позициите на Северна Македонија отворајќи веќе затворени спорови, со што шансите за продолжување на евроинтеграциите драматично се влошија“,
рече Филипче.
СДСМ како опозиција, порача Филипче во разговорот со Гир, ќе се залага за реформи и јасни перспективи.