Според партијата, компанијата еден ден по добивањето на лиценцата за надзор, добила грант од Фондот за иновации од 65 000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“, која наводна иновација, велат од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно ќе ја користат при надзорот
Како што сумира пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби не само што проектот за надзор го дале на фирма која нема никакво искуство при надзор, не само што преку ноќ вади лиценца, туку и со буџетски пари наплаќа алатка за надзор
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со нови детали и тврдења поврзани со компанијата „Електра солушнс“, една од четирите фирми кои се дел од конзорциумот кој ќе врши надзор над изведбата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Според партијата, компанијата, еден ден по добивањето на лиценцата за надзор, добила грант од Фондот за иновации од 65 000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“, која наводна иновација, велат од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно ќе ја користат при надзорот.

Од партијата потсетија дека и самото добивање на лиценцата за надзор е сомнително. Имено, како што веќе пишуваше „360 степени“, „Електра солушнс“ добила лиценца за време на тендерот, а барањето е поднесено 12 дена откако тендерот веќе бил распишан, а позитивниот одговор стигнал за помалку од пет работни дена.
„`Електра Солушнс` не само што нема искуство, бидејќи е фирма за производство на долна облека која во последен момент се префрла во градежништво, туку и за лиценцата за надзор поднесува барање 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива пет дена потоа. Брзината со која ‘Електра солушнс’ се вклопува во новиот бизнис и станува миленик на власта не застанува тука. Имено, еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65 000 евра за проект `Дигитално решение за управување со градежни проекти`. `Електра солушнс` од фирма која нема никакво искуство од надзор, станува преку ноќ експерт и од фирма за производство на долна облека наплатува 65 000 евра за наводна иновација на програма, која очигледно ќе ја користат при надзорот“,
рече денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Бојан Стојановски.
Како што сумира пратеникот, премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби, не само што проектот за надзор го дале на фирма која нема никакво искуство при надзор, не само што преку ноќ вади лиценца туку и со буџетски пари наплаќа алатка за надзор.
Во вакви околности и при вакви сомнежи, Јавното обвинителство не смее да остане пасивно, порача Стојановски.
„Власта првин тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, за на крај да се испостави дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма која произведувала долна облека, а за лиценца за надзор поднесува барање дури откако се распишува огласот за поднесување на понуди за надзорот на коридорите 8 и 10-д, за ден потоа да добие и грант“,
истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изградбата на автопатите од Коридорите 8 и 10-д се две странски (италијанската ИРД и шпанската „Ептиса“) и две домашни компании („Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“).
Иако ИРД на хартија е водечка компанија во конзорциумот, ако се погледне распределбата на над 22 милиони евра за надзор, сликата е поинаква. Како што објави „360 степени“ во понеделникот, најголем дел од милионскиот тендер одат кај „Електра солушнс“ или подизведувачите што ги ангажирале. Тоа се околу 8,3 милиони евра. Втора по „тежина“ е, исто така, македонската „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ за кого има обвинение во Ерменија – за чии услуги се наменети околу 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони одат кај ИРД од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на ИРД во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеската „Ептиса“, се предвидени 400 000 евра.
Друг интересен аспект кој го покажа анализа на „360 степени“ на договорот помеѓу „ИРД инженеринг“ и Јавното претпријатие за државни патишта, се имињата на експертите што ќе работат на надзорот, но и колку ќе чини нивната работа. Од 81 име, само пет се на странци, од кои четворица од земји од соседството.
Исто така, анализата покажа и дека ангажманот на петмина странци е со паушал од 300 илјади евра по човек.
Претходно, за една од фирмите кои се дел од надзорот – „Евро консалтинг“, „Призма“ објави дека еден од сопствениците, Бранислав Димитријевиќ, во Ерменија бил ангажиран како лидер на тим во француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“ за голем инфраструктурен проект. Ерменското обвинителство, пак, има покренато обвинение за тој проект – „Развој и спроведување патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Димитријевиќ, конкретно, таму се гони за кривично дело кое во ерменскиот закон гласи „извршена измама од голем обем“ (член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик на Ерменија).
„Ептиса“, која учествувала во конзорциумот во Ерменија, а сега е дел од конзорциумот во Македонија, пак, веќе има своја историја и во земјава. За неа, ТВ Алсат-М објави дека Владата на 24 ноември 2020 година донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат на тендери над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Бељаковце. Меѓутоа, одлуката била укината на 9 февруари 2021 година.
Вчера на оваа тема се осврна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека изградбата на коридорите е приоритет и на ВМРО-ДПМНЕ и дека и стојат на располагање на „Бехтел“ и „Енка“, но нагласи дека тоа треба да биде со вистински законит надзор. Мицкоски рече дека изградбата на коридорите 8 и 10 се приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека ѝ стојат на располагање на американската компанија „Бехтел“ која заедно со „Енка“ ќе ги гради автопатиштата, но тоа, нагласува, треба да биде со вистински и законит надзор.
Лидерот на ВМРО-ДППМНЕ во истата прилика порача дека кога неговата партија ќе дојде на власт, ќе има супервизија на компаниите кои ќе го прават надзорот бидејќи, вели, некој не само што сака да украде народни пари туку и преку лажни количини ќе сака дополнителни провизии.
Што се однесува од Обвинителството и повиците до него, Мицкоски рече оти не очекува дека тоа ќе отвори случај.