„Срамно е што одговорноста за смртта на 14 луѓе се сведе на две-три периферни лица во системот без прецизно утврдување на вистинска одговорност. Јавното обвинителство како за овој, така и за сите други случаи амнестира од одговорност луѓе за кои има основани сомневања дека имаат пропусти во работата и криминално работат“, велат од опозициската партија
Чуден е молкот за пропустите на Јавното обвинителство во случајот со модуларната болница во Тетово, се вели во партиската реакција на ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на документарецот на ИРЛ за трагедијата во која пред две години животите ги загубија 14 луѓе.

За потсетување, Истражувачката репортерска лабораторија во документарецот насловен „Убиство во Тетово“, емитуван во неделата на националната телевизија МТВ, повикувајќи се на документи и сведоштва до кои дошле, поставија нова димензија на целиот случај, трагајќи по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
„Срамно е што одговорноста за смртта на 14 луѓе се сведе на две – три периферни лица во системот без прецизно утврдување на вистинска одговорност. Јавното обвинителство како за овој, така и за сите други случаи амнестира од одговорност луѓе за кои има основани сомневања дека имаат пропусти во работата и криминално работат“,
се вели во денешното писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија прашуваат „до кога Јавното обвинителство ќе трепери пред олигархијата и луѓето од власта“, додека за државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е „само статист во овој случај“.
„ИРЛ ги потврди сите наши сомнежи кои ги изнесовме уште пред две години. Потребно е да има одговорност и ќе одговараат сите од прв до последен“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
За пожарот во тетовската модуларна болница во судскиот процес кој заврши на 5 јуни оваа година, Основниот суд во Тетово за кривичното дело тешки дела против општата сигурност ги осуди докторите Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово. Тие добија затворкси казни од една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.
Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи, а на Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.
Во филмот насловен во копродукција на ИРЛ и МТВ, пак, се открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.

Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба. Во сторијата ИРЛ објави и документи и вештачењата на германските форензички експерти и на електроинженер, кои ги лоцираат причините за пожарот и неговото брзо ширење низ објектот. Документарецот наведува и на индиции дека истражните органи не си ја завршиле работата докрај, иако имале и материјал и кадар да го сторат тоа.
Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница преку писмено соопштение вчера ги отфрлија наводите во емисијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Оттаму велат дека во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации, со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината.
Од Јавното обвинителство ги отфрлија како целосна невистина наводите дека во врска со правната квалификација на делото, односно тврдењето дека поднесеното обвинение воопшто не се однесува на пожарот во модуларната болница. Дополнително, како што посочија оттаму, ниту еден доказ не укажувал на кривичното дело убиство.