Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е проблем да учествуваат, но дека на таквите средби ќе биде повторено дека нема да поддржат уставни промени

ВМРО-ДПМНЕ досега не добило покана за какви било разговори за уставните измени, но како што посочуваат тие нема да одбијат средба, но ќе повторат дека нема да поддржат уставни измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ, за МИА, велат дека не е проблем да учествуваат, но дека на таквите средби ќе биде повторено дека нема да поддржат уставни промени и оти овој состав на власта го нема мандатот за таква работа.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека досега имало неформални координации, но оти смета дека оваа година треба да се почне со формален сет на консултации и јавни дебати во кои ќе бидат вклучени невладините организации, експертите, новинарите, јавноста и сите за да разговараме кои се аргументите про и контра уставни измени.
Според шефот на дипломатијата, во целата оваа дебата е најважно да се направи разграничување – дали овие уставни измени се проблематични за интересот на државата или станува збор за партиско-политички интерес.
„Тоа сега е измешано и не може да се прави разграничување каде е интересот на државата, а каде е партискиот интерес. Тоа ги дели луѓето, не знаат дали одреден став на политичар е затоа што сака избори и сака да биде на власт или затоа што уставните измени се ризични по државата и народот. Луѓето кои не се експерти се збунети. Важно е да направиме разграничување, каде почнува партискиот интерес, каде завршува интересот на државата. Мислам дека таа јавна дебата ќе го искристализира тој аспект. Јас сум убеден дека резултатите од таа дебата ќе бидат дека уставните измени не се спорни по ниту една основа. Уставните промени не се закана по ниту една основа, само ја збогатуваат државата, ја прават подобра и со подобар имиџ во светот“,
рече министерот.
Ваквите дебати, вели тој, би ги почнал веднаш и додава дека токму на тоа и работи – иницира започнување јавни дебати за да се направат разграничувања на државниот и партиско-политичкиот интерес во процесот на уставни измени.