Нам ни е битна суштината, не формалноста. Ќе ја коригираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се произнесат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија, вели Мицкоски
Доколку има некаква пречка за иницијативата за референдум, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во петокот во собранието, лидерот на партијата вели дека се подготвени да ја корегираат и таа го помине собранискиот филтер.
„Политичка гимнастика можат да прават бидејќи се исплашени од мобилизација на народот и консолидирање на антивладино расположение кое што постои. И сега тие може да наоѓаат изговори колку сакаат и до безсвест и на тој начин ја оддолжуваат работата. Нас ни е битна суштината, не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се произнесат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија“,
рече денеска Мицкоски.
Одговорот на Мицкоски доаѓа откако деновиве во јавноста излегоа информации дека е извесно сценариото – иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум да биде оценета како неуредна. Основата за таков заклучок, според анонимни пратеници од владејачкото мнозинство, е што иницијативата е упатена „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Поради одбегнувањето да се користи името на државата, голема е веројатноста иницијативата да не го помине собранискиот филтер како неуредна.
Но, прво се чека собранискиот спикер Талат Џафери утре да се врати на работа, по службеното отсуство, и да ја прими Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Откако ќе ја прими иницијативата, според Деловникот, Претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали иницијативата е уредна. Ако иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да ја извести ВМРО-ДПМНЕ за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи. Ако документот, според комисиите, не е уреден. Тогаш Џафери е должен инцијативата да ја стави на дневен ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.
Доколку иницијативата го помине собранискиот филтер законските одредби предвидуваат дека во рок од три месеци ќе треба да се соберат 150 000 граѓански потписи во подрачните единици на Министерството за правда, за што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се надева дека тоа ќе биде за многу пократко време. Доколку тоа се оствари, ќе следува период од 60 до 90 дена и водење на кампања за референдумот и некаде напролет тој би требало да се одржи.
За референдумот да биде успешен потребно е најмалку 910 000 гласачи да излезат на гласање и да се изјаснат дали се за поништување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Во однос на излезноста на референдумот Мицкоски вели дека единствен начин да се види колкава би била е тој да се одржи.
„Единствен начин да видиме дали ќе има излезност е да се одржи тој референдум да не се бараат изговори, формални, туку да се поддржи оваа иницијатива и да излеземе и да видиме граѓаните дали ќе бидат за она што ние го бараме како одговор на прашањето или против. И од тоа нема поедноставен начин. Така што јас ги охрабрувам еве демократски во насока на европскиот дух, кој што од нивните усти додека крадат не престанува да излегува еве и сега тоа да го направат и второ да ги мобилизираат оние малкумина поддржувачи кои што се уште ги имаат да излезат и да се произнесат во согласност со нивните политики, да бидат против ова наше барање и на тој начин јас сум сигурен дека ќе успее референдумот“,
вели Мицкоски.
Но, додава тој, ќе повторам без разлика на резултатот на референдумот, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија нема да поддржи промена на Уставот под овие околности тоа го повторувам, без разлика каков ќе биде резултатот на референдумот.