Упати три прашања до ОЈО ГОКК, од кои првото е зошто Ислам Абази одлучил да ја запре постапката и врз основа на чија проценка, односно дали проценката е правна или лукративна. Второто е зошто одлуката е донесена додека Ковачевски е надвор од државата и недостапен за органите на прогон. Третото прашање, пак, се однесува на тоа дали некој воопшто го побарал сведочењето на сите засегнати страни пред да се донесе оваа контроверзна и лукративна одлука
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на денешната прес-конференција рече дека шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази, донел контроверзна наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, вреден 167 милиони евра.

На прес-конференција, Милошоски тврди дека со одлуката се прекинува постапката во која осомничени се поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и Асмир Јахоски и Ратко Капушевски.
„Шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, соседот на Али Ахмети од Зајас, си ја одработува добиената функција шеф на ОЈО ГОКК, и по насока на триото Филипче, Ахмети и Заев, донесе одлука да се запре судска постапка во која осомничени меѓу другите беа и членот на СДС и бегалец од правдата Васко Ковачевски, и синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски, и Ратко Капушевски“,
вели тој.
Според него, јавноста во случајот препознала перење пари, криминал и штета врз животната средина, но Обвинителството не утврдило доволно докази за продолжување на постапката.
„Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење на пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо. Постапката е запрена. Бегалецот е слободен. Довербата во правосудството од два отсто, со обвинители како Ислам Абази ќе падне и на еден отсто. Пред неколку часа дознавме дека постапката против Васко Ковачевски и другите за набавка на мазут е запрена. Обвинителството вели дека немале докази, но зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?“,
прашува Милошоски.
Посочи дека Ковачевски е недостапен за органите на прогонот откако ја напуштил државата кон крајот на 2024 година и оцени дека тоа требало да биде дополнителен мотив за продолжување на истрагата.
„Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење на постапка, особено не ако припаѓаат на спонзорите на Ислам Абази. Ова е трагичната шема по која работат остатоците од власта на СДС и ДУИ во судството и обвинителството.“,
вели тој.
Потсети дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) претходно утврдила дека на фирмата „РКМ“ ѝ биле платени повеќе пари за помала количина испорачан мазут. Според него, околу 18 илјади тони мазут не биле испорачани, иако биле наплатени.
„Дури 18 илјади тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а мазутот не дошол. Дали дел од тие пари отишле кај менторите на Ислам Абази како обвинител? Сега ни кажуваат дека нема штета. Дека сè било законски исклучок. Дека енергетската криза оправдувала секаква постапка. Но ниедна енергетска криза не оправдува анекси кои менуваат услови во корист на ист добавувач и плаќање на недоставен мазут“,
кажа Милошоски на прес-конференцијата.
Упати три прашања до ОЈО ГОКК, од кои првото е зошто Ислам Абази одлучил да ја запре постапката и врз основа на чија проценка, односно дали проценката е правна или лукративна. Второто е зошто одлуката е донесена додека Ковачевски е надвор од државата и недостапен за органите на прогон. Третото прашање, пак, се однесува на тоа дали некој воопшто го побарал сведочењето на сите засегнати страни пред да се донесе оваа контроверзна и лукративна одлука.
„Ковачевски треба се врати. Да одговара. Ако е невин, нека го докаже тоа пред судовите, а не преку бегство и лукративно затворање на овој предметот. Ние нема да го затвориме овој случај само затоа што Ислам Абази одлучи на контроверзен начин да го затвори ова досие.“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од прес-конференцијата, Милошоски го повика шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, да поднесе оставка, обвинувајќи го дека работи во интерес на СДСМ и ДУИ, а не во интерес на правдата и институциите.
„Да ја остави работата на професионалците, коишто поради таквите обвинители како него, не можат да дојдат до израз во правосудството“,
вели Милошоски.
Од ОЈО ГОКК денеска соопштија дека се запира постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи во истрагата, што траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Станува збор за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, а во неа беше опфатен и поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски.
Акцијата беше спроведена на 10 март, минатата година, по која на Капушевски и на Јахоски им беше одредена мерка притвор. На Јахоски, првично судот му одреди куќен притвор, но неколку дена подоцна таа беше заменета со активен притвор, за да во мај Апелација одлучи да му го укине притворот на газдата на „Пуцко петрол“ и да му одреди мерки на претпазливост, во замена за гаранција од околу 2 милиони евра во готовина и недвижен имот.
