„Ниту едно насилство не смее да се толерира, најмалку насилството врз децата. Да бевме некоја демократска држава, досега од морални причини ќе имаше оставка на министерката, директорката и целиот инцидент ќе беше расчистен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Се случува брутално насилство во детската градинка „Цветови“ во Гевгелија, а министерката Тренчевска се обидува целиот случај да го сокрие од јавноста, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Десетмесечно бебе завршило со тешки телесни повреди и хематон на главата, а министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорката на детската градинка Елизабета Стоименова се обидуваат да го прикријат целиот случај и да прикажат дека се работи за детска игра. Цела јавност виде дека не се работи за гребнатинки на десетмесечното бебе, туку за модрици низ целото лице. Срамно и без грам чувство на одговорност и доблест“,
велат од партијата.
Од партијата сметаат дека Тренчевска и Стоименова се најодговорни за овој инцидент и бараат наместо пракса да станува други да одговараат, веднаш да си поднесат оставка.
„Ниту едно насилство не смее да се толерира, најмалку насилството врз децата. Да бевме некоја демократска држава, досега од морални причини ќе имаше оставка на министерката, директорката и целиот инцидент ќе беше расчистен. Но, ние имаме бледи соопштенија и неуспешни обиди од Тренчевска да се сокрие целиот случај“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, родителите се вознемирени од настанот и стравуваат дека со немање на одговорност, ваквото насилство може да се случи и на други дечиња во детските градинки.
Инаку, пред два дена Ангелина Петкова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека директорка на градинка во Гевгелија се обидела да прикрие насилство врз 10-месечно бебе згрижено во установата.
Од градинката, пак, ги демантираа ваквите информации нагласувајќи дека станувало збор за детска игра во малата група во клон „Цветови“ каде настанале гребаници на едно од згрижените дечиња.
Министерството за труд и социјална политика извршило вонреден инспекциски надзор во градинката „Детска радост“ во Гевгелија и информираше дека при надзорот вработените во градинката посочиле дека бебето имало гребнатинки кои ги добило играјќи си со другите дечиња, а директорката поднела предлог за дисциплинска постапка против негувателките.