Од МТСП реагираат дека не станува за „брутален инцидент“ како што тврди пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ туку за гребнатинки настанати од игра на детето со останатите дечиња. Гребнатините, велат, веднаш биле санирани од негувателките, а детето продолжило со вообичаените активности, како и сите деца во групата
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) извршило вонреден инспекциски надзор во градинката „Детска радост“ во Гевгелија откако вчера од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека имало насилство врз 10-месечно бебе, а директорката се обидела тоа да го прекрие.
За разлика од опозициската пратеничка Ангелина Петкова која тврдеше дека детето имало тешки телесни повреди и хематом на главата, од МТСП велат дека при надзорот вработените во градинката посочиле дека бебето имало гребнатинки кои ги добила играјќи си со другите дечиња, а директорката поднела предлог за дисциплинска постапка против негувателките.
„Гребнатините веднаш биле санирани од негувателките, а детето продолжило со вообичаените активности, како и сите деца во групата. Мајката била известена за настанот при преземањето на детето од установата, со оглед на проценката на негувателките од нивната досегашна пракса дека се работи само за гребнатинки. Директорката на установата била известена за настанот, од страна на негувателките истиот ден. При увид во листата за евиденција на присутни деца, детето од следниот ден не ја посетува градинката, од причина што по претходна најава кај негувателките од страна на родителите отпатувало со мајката во странство. Директорката на градинката ’Детска радост‘ поднела предлог за поведување на дисциплинска постапка против негувателките и донела решение за формирање на комисија за утврдување на повреда на работната дисциплина“,
велат од МТСП додавајќи дека надзорот утврди оти директорката постапила согласно Законот за заштита на децата.
Оттаму бараат од ВМРО-ДПМНЕ да не ги користат и злоупотребуваат децата за политички цели.
„Ширењето на страв, манипулација и чувства на вознемиреност и несигурност кај граѓаните се познат начин на делување на ВМРО-ДМНЕ“,
велат од МТСП.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелина Петкова, пак, вчера ја прозва директорката, како што рече, поставена од министерката Јована Тренчовска, и случајот го нарече „брутален инцидент“.
„Елизабета Стефановска, поставена од министерката Јована Тренчовска молчи и го крие инцидентот. Во вторникот, 22.11.2022 година, во детската градинка „Цветови“ во Гевгелија се случил брутален инцидент: 10 месечно бебе заврши во општата болница во Гевгелија со констатирани тешки телесни повреди и хематом на главата. Директорката на градинката се обидела да го прикрие скандалот, наместо да преземе дејствија за санкционирање и да го пријави случајот во полициската станица во Гевгелија. Случајот ден потоа во полиција го пријавил родителот на бебето“,
соопшти вчера Петкова.
Од МТСП, пак, денеска ја обвинуваат локалната власт во Гевгелија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дека во неколку наврати го прекршила Законот за заштита на децата и затоа ѝ биле одземени и надлежностите, вклучително и за поставување директор.
„Министерството, како надлежно за областа заштита на децата, преку вршење на инспекциски надзор, неколкупати даде укажувања за постапување во рамки на законот на градоначалникот на Општина Гевгелија и на Советот со оглед на фактот дека беа констатирани материјални и процедурални недостатоци во нивната работата и кршење на одредбите од Законот за заштита на децата. Поради непостапување, согласно закон МТСП на градоначалникот и Советот им одзема надлежности поврзани со донесување на одлуки од нивна страна во делот на детската заштита и непречено одвивање на процесот згрижување и воспитание на децата“,
велат од МТСП.