По вчерашното обвинување дека во земјава се увезени и пуштени во употреба 20 тони канцерогено млеко, кое потоа АХВ го демантираше, денеска од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во државата е увезен протеински јогурт со зголемено ниво на афлатоксин. Од партијата побараа и оставка од директорот Николче Бабовски, поради, како што велат, сите хаварии што ги направил откако е на чело на Агенцијата за храна и ветеринарство
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжи со обвинувањата кон Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и директорот Николче Бабовски зашто во земјава дозволиле увоз на неквалитетни млечни производи.
По обвинувањето дека во земјава се увезени и пуштени во употреба 20 тони канцерогено млеко, кое потоа АХВ го демантираше, денеска од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е увезен протеински јогурт со зголемено ниво на афлатоксин.
Претседателот на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, денеска покажа документи од лабораториски испитувања на протеински јогурт увезен од Србија и млеко од млекарница во земјава, а кои, како што тврди, покажуваат зголемено ниво на афлатоксин во продуктите.
„Овие документи се уште еден показател дека контролата на млекото и млечните производи, како домашни така и од увоз, АХВ не ги прави согласно потребите да ги заштити граѓаните од злоупотреби. Сакам да нотирам и дека Националниот систем за брзо известување не функционира, односно вакви известувања не се нотирани. Јавно прашуваме дали протеинскиот јогурт од соседна Србија и млекото од млекарница во земјава се пуштени во промет или истото е преработено и се наоѓа на некој по рафтовите ширум маркетите во Македонија?“,
рече Трипуновски на денешната прес-конференција.
Од партијата обвинија и оти Агенцијата не информирала навреме дека канцерогеното млеко од Србија е вратено кај извозникот, туку дека тоа го соопштила откако ВМРО-ДПМНЕ вчера го обелодени овој случај.
„Уште повеќе сме загрижени поради фактот што АХВ не покажа документ дека пратките се вратени или уништени, што создава сомнеж дека тоа млеко е завршено низ Македонија, наместо да се врати во државата на извоз или да се соодветно уништи“,
додаваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ побара и оставка од Николче Бабовски, поради, како што велат, сите хаварии што ги направил откако е на чело на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Опозициската партија вчера излезе со тврдење дека во земјава било пуштено во промет канцерогено млеко увезено од Србија. АХВ ги демантираше ваквите наводи, велејќи дека млекото во кое било детектирано поголемо количество на афлатоксин од дозволеното, се враќа во Србија.