Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека млекото во кое било детектирано поголемо количество на афлатоксин М1 од дозволеното денеска, во согласност во извозникот, се враќа во Република Србија. Уверуваат дека во промет не е пуштено канцерогено млеко
Не е вистина дека на рафтовите во маркетите се продава канцерогено млеко, реагираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако претходно денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со тврдење оти во земјава се увезени и пуштени во промет повеќе од 20 тони канцерогено млеко увезено од Србија.
Од Агенцијата додаваат дека млекото во кое било детектирано поголемо количество на афлатоксин М1 од дозволеното денеска, во согласност во извозникот, се враќа во Република Србија.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, во сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе АХВ. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од БиХ“,
се наведува во соопштението на Агенцијата.
Примероци од производите, додаваат од АХВ, се земаат на граничните премини, а пратките не се пуштаат во промет додека не се добие задоволителен резултат од направените тестирања.
Реакцијата на Агенцијата следува откако претседателот на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, денеска излезе со тврдење дека во земјава било пуштено во промет млеко во кое е пронајден афлатоксин М1 над максималното дозволено ниво.
Во однос на обвинувањето на Трипуновски оти поголема количина од дозволената на афлатоксинот М1 е детектирана и во сурово млеко во една од поголемите млекарници во земјава, од АХВ велат дека ова млеко уште во април годинава било уништено и не е пуштено во промет.