Арсовска, која стана градоначалничка на Скопје со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година, вчера потврди дека се подготвува да формира партија, но не беше конкретна во врска со прашањето дали се гледа себеси како лидер на политичкиот субјект што го најавува ниту, пак, дали дел од членството би биле имиња кои претходно биле активни на политичката сцена
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска во одговор на новинарско прашање кусо ја прокоментираа најавата или поконкретно потврдата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека ќе формира политичка партија.
Партискиот став го пренесе портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој воедно упати и порака до Арсовска.
„Прво Данела Арсовска нека сработи нешто за скопјани наместо да се надева на потписи од ДУИ од СДСМ за формирање партија“,
рече Стоилковски.

Шпекулациите што кружеа во јавноста дека Арсовска се подготвува да формира политичка партија, скопската градоначалничка ги потврди вчера вечер во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
До вчерашното гостување таа ниту ги потврдуваше ниту ги демантираше ваквите наводи.
На прашањето дали размислува во насока на формирање политичка партија, Арсовска кусо одговори – „да“, а на дополнително прашање кога може да се очекува нејзино формирање, таа додаде:
„Во процес сме на формирање политичка партија“
Градоначалничката на Скопје не одговори конкретно дали се гледа себеси како лидер оваа политичка партија, а одби да каже и дали дел од членството би биле имиња кои претходно биле активни на политичката сцена.
Прашана дали тоа значи дека може да се очекува учество на партијата на претстојните парламентарни избори во мај годинава, Арсовска, меѓу другото, одговори дека сакаат да им укажат на граѓаните дека некој може да дојде и да работи подобро.
„Toa значи дека сме во постапка да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку. Се додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некој од политичарите од оваа корумпирана политичка елита, нема да има напредок. Ако можам јас сама како индивидуалец да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе кои ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, ќе можам да покажам многу повеќе“,
рече Арсовска.

Дека скопската градоначалничка се подготвува да формира политичка партија првпат беше објавено во септември минатата година. Неделникот „Фокус“ тогаш објави дека Арсовска почнува да собира потписи за формирање партија која, според неофицијалните информации на медиумот, ќе го носи името Правда, а седиштето ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров.
Оваа адреса, како што посочија тогаш од „Фокус“, според податоци од Централен регистар, е на местото каде што се наоѓаат фирми на соработникот на Арсовска, Драган Митковски. Дел од медиумите објавија дека Митковски бил близок до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Експремиерот и бегалец во Унгарија, Никола Груевски, пак, експресно негираше каква било поврзаност со Арсовска и Митковски велејќи дека нема комуникација со ниту еден од нив.
Подоцна истиот месец Арсовска гостуваше во емисијата „Тешки муабети“ на „Инфомакс“ каде што беше прашана дали ќе формира партија со поранешниот премиер Груевски.
„Може ќе правиме, може нема да правиме“,
одговори кратко Арсовска.
Инаку, Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година.